15 „Здрави“ продукти кои се всушност маскирана брза храна

Брзата храна е главната причина поради која светот е подебел и поболен од било кога порано. Изненадувачки, некои од тие производи се сметаат за здрави од страна на многу луѓе. Следуваат 15 „здрави“ продукти кои се всушност маскирана брза храна.

1. Преработени производи „со ниска содржина на масти“ и „без масти“

„Војната“ со заситените масти е најголемата грешка во историјата на исхраната. Беше основана врз слаби докази, кои беа потполно разоткриени. (1)

Кога започна, производителите на храна веднаш започнаа нов тренд на отстранување на мастите од храната. Но, има еден огромен проблем - храната воопшто не е вкусна откако ќе се отстранат мастите. Затоа додадоа еден куп шеќер за да го компензираат тоа.

Заситените масти се безопасни, но додадениот шеќер е неверојатно штетен кога се консумира во прекумерни количини. (23Зборовите „со ниска содржина на масти“ или „без масти“ на пакувањето на производите обично означуваат дека се работи за високо преработени производи преплавени со шеќер.

2. Повеќето комерцијални преливи за салата

Зеленчукот е неверојатно здрав. Проблемот е што често не е многу вкусен сам по себе. Затоа многу луѓе користат преливи за да додадат вкус на нивните салати, претворајќи ги тие безвкусни оброци во вкусни закуски.

Но, многу преливи за салати се всушност преплавени со нездрави состојки како шеќер, растителни масла и транс масти, заедно со еден куп на вештачки хемикалии.

Иако зеленчукот е добар за вас, јадењето зеленчук со прелив богат со штетни состојки целосно ќе поништи било какви здравствени придобивки што би ги добиле од салатата.

Бидете сигурни да ја проверите листата на состојки пред да користите прелив за салата... или направете си сами, користејќи здрави состојки.

3. Овошни сокови, кои се всушност само течен шеќер

Многу луѓе веруваат дека овие сокови се здрави. Мора да бидат бидејќи се направени од овошје, така? Но, многу од овошните сокови што ќе ги најдете во супермаркетите не се всушност овошни сокови. Некогаш нема ниедено вистинско овошје во сокот, само хемикалии што имаат вкус на овошје. Тоа што го пиете е всушност само шеќерна вода со вкус на овошје.

Дури и ако пиете 100% квалитетен овошен сок, сепак е лоша идеја. Овошните сокови се како овошје, овен што сите добри нешта (како влакна) се извадени од него, а главното нешто што останало од вистинското овошје е шеќерот.

Ако не знаевте, овошните сокови всушност содржат слична количина на шеќер како и засладените пијалоци. (4)

4. Интегрална пченица „здрава за срцето“

Најголемиот дел од производите од „интегрална пченица“ не се всушност направени од цело пченични зрно. Житариците се сомелени во многу фино брашно, со што го покачуваат нивото на шеќер во крвта исто како и нивните рафинирани еквиваленти. Всушност, интегралниот леб може да има сличен гликемичен индекс како и белиот леб. (5)

Но, дури и вистинската интегрална пченица може да биде лоша идеја бидејќи современата пченица не е здрава, споредено со пченицата што ја јаделе нашите предци. Околу 1960-тата година научниците се вмешале во гените на пченицата за го зголемат приносот. Современата пченица е помалку хранлива и има одредени својства што ја прават многу полоша за луѓето кои се нетолерантни на глутен. (678). Исто има и истражувања што покажуваат дека современата пченица може да предизвика воспаление и да го покачи нивото на холестерол, во најмала рака кога се прави споредба со другите видови. (910)

Иако пченицата била релативно здраво зрно во минатото, нештата што ги јадат повеќето луѓе денес е најдобро да се избегнуваат.

5. Фитостероли кои го намалуваат холестеролот

Постојат одредени хранливи материи наречени фитостероли, кои во основата се како растителни верзии на холестерол. Некои истражувања покажуваат дека можат да го намалат холестеролот во крвта кај луѓето. (11) Поради таа причина често се додаваат во преработените производи кои се означени на пазарот како „намалува холестерол“ и тврдат дека помагаат во превенцијата на срцеви заболувања.

Меѓутоа, истражувањата покажаа дека и покрај намалувањето на холестеролот, фитостеролите имаат негативни ефекти врз кардиоваскуларниот систем и дури може и да го зголемат ризикот од срцеви заболувања и смрт. (121314)

6. Маргарин

Путерот беше демонизиран во минатото поради високата содржина на заситени масти. Разни експерти за здравје наместо него започнаа да го промовираат маргаринот. Во минатото маргаринот беше богат со транс масти. Во денешно време има помалку транс масти отколку порано, но сè уште е преплавен со рафинирани растителни масла. Маргаринот не е храна, тоа е збир на хемикалии и рафинирани масла направен да изгледа и да има вкус на храна. Без никакво изненадување, истражувањето „Фрамингем харт“ (Framingham Heart Study)покажа дека луѓето кои го замениле путерот со маргарин имаат поголеми шанси да умрат од срцево заболување. (15)

Ако сакате да го подобрите вашето здравје, јадете вистински путер (по можност добиен од животни хранети со трева) и избегнувајте преработен маргарин по секоја цена.

Препорачувањето маргарин преплавен со транс масти наместо природен путер е еден од најлошите совети во историјата на исхраната.

7. Спортски пијалоци

Спортските пијалоци без направени за спортистите. Овие пијалоци содржат електролити (соли) и шеќер, кои може да бидат корисни за спортистите во многу случаи. Сепак на повеќето обични луѓе не им требаат никакви дополнителни соли и сигурно немаат потреба од течен шеќер. Иако често се сметаат за „помалку штетни“ од засладените безалкохолни пијалоци, навистина не постои фундаментална разлика меѓу нив, освен што содржината на шеќер е некогаш малку помала.

Важно е да бидеме хидрирани, особено при вежбање, но на повеќето луѓе ќе им биде подобро доколку консумираат обична вода.

8. Брза храна со ниска содржина на јаглехидрати

Исхраната сиромашна со јаглехидрати беше неверојатно популарна повеќе децении. Во изминатите 12 години, истражување по истражување потврди дека таа исхрана е ефикасен начин за намалување на телесната тежина и подобрување на здравјето. (1617) Меѓутоа производителите на храна брзо се приклучија кон тој тренд и понудија разни „пријателски“ преработени производи со ниска содржина на јаглехидрати на пазарот. Тоа вклучи високо преработена брза храна како баровите „Аткинс“. Ако ја погледнете листата на состојки, ќе видите дека нема вистинска храна таму, само хемикалии и високо рафинирани состојки.

Овие производи може да бидат консумирани повремено без да се загрози метаболичката адаптација што се јавува при исхрана сиромашна со јаглехидрати. Но, тие не го негуваат вашето тело, дури и ако технички имаат ниска содржина на јаглехидрати, сепак не се здрави.

9. Нектар од агаве

Со оглед на познатите штетни ефекти од шеќерот, луѓето започнаа да бараат алтернативи. Еден од најпопуларните „природни“ засладувачи е нектарот од агаве, исто наречен и агаве сируп. Овој засладувач ќе го најдете во сите видови на „здрава храна“, често со атрактивни ознаки на пакувањата. Проблемот со нектарот од агаве е што тој не е ништо подобар од шеќерот. Всушност е многу, многу полош... Еден од главните проблеми со шеќерот е тоа што има големи количини на фруктоза, што може да предизвика сериозни метаболички проблеми кога се консумира во прекумерни количини. (18) Додека шеќерот е околу 50% фруктоза и пченкарен сируп со висока содржина на фруктоза околу 55%, нектарот од агаве содржи дури и повеќе, до 70-90%.

Затоа, грам по грам, нектарот од агаве е дури и полош од обичниот шеќер. Затоа „природно“ не е секогаш еднакво на здраво, а е дискутабилно дали и воопшто нектарот од агаве треба да се смета за природен.

10. Веганска брза храна

Веганската исхрана е многу популарна во денешно време, што често се должи на етички и еколошки причини. Сепак многу луѓе промовираат веганска исхрана со цел за подобрување на здравјето (што е дискутабилно). Има многу преработени вегански производи на пазарот, кои често се продаваат како погодна замена за невеганските производи. Еден пример е веганската сланина.

Важно е да се има на ум дека овие производи се обично високо преработени, производи направени во фабрика кои не се добри за никој, вклучувајќи ги и веганите.

11. Сируп од кафеав ориз

Сирупот од кафеав ориз (исто познат и како оризов сируп или оризов слад) е засладувач за кој често погрешно се претпоставува дека е здрав. Овој засладувач е направен со изложување на варен ориз на ензими кои го разложуваат скробот на прости шеќери. Сирупот од кафеав ориз не содржи рафинирана фруктоза, само глукоза. Отсуството на рафинирана глукоза е добро, но сирупот од кафеав ориз има гликемичен идекс 98, што значи дека глукозата во него екстремно брзо ќе го зголеми шеќерот во крвта. (19)

Сирупот од кафеав ориз е исто високо рафиниран и содржи речиси никакви хранливи материи. Со други зборови, тој е „празни калории“.

Се појави одредена загриженост за загадувањето на овој сируп со арсен, што е само уште причина повеќе да бидете екстра внимателни со овој засладувач. (20)

Постојат други подобри засладувачи, вклучувајќи нискокалорични засладувачи како стевиа, еритритол и ксилитол, кои всушност имаат некои здравствени придобивки.

12. Преработени органски производи

За жал, зборот „органски“ стана само уште еден збор за маргетинг. Производителите на храна најдоа секакви начини да ја направат истата брза храна со органски состојки. Тоа вклучува состојки како органски сиров шеќер од шеќерна трска, кој во основа е 100% идентичен со обичниот шеќер. Сепак е само глукоза и фруктоза, со малку или без воопшто никакви хранливи материи. Во многу случаи, разликата меѓу одредена состојка и нејзиниот органски еквивалент е речиси никаква.

Преработените производи означени како органски не мора да се здрави.

Секогаш проверете ја етикетата за да видите што има во производот.

13. Растителни масла

Често нè советуваат да јадеме растителни масла и масла од семиња. Тоа вклучува соино масло, масло од канола, масло од семе од грозје и бројни други. Тоа се заснова на фактот што е покажано дека тие масла го намалуваат холестеролот во крвта, барем краткоточно. (21) Сепак е важно да се има на ум дека холестеролот во крвта е ризик фактор, а не болест сам по себе. Дури и иако растителните масла може да подобрат ризик фактор, не постои гаранција дека ќе помогнат во превенцијата на состојби опасни по животот, како срцев удар или смрт, што е тоа што е навистина важно. Всушност, неколку контролирани испитувања покажуваат дека и покрај намалувањето на холестеролот, тие масла можат да го зголемат ризикот од смрт, и од срцеви заболувања и од рак. (222324)

Затоа јадете здрави, природни масти, како путер, кокосово и маслиново масло, а избегнувајте преработени растителни масла како животот да ви зависи од тоа (бидејќи и ви зависи).

14. Брза храна без глутен

Според една анкета од 2013-та година, околу третина од луѓето во САД активно се обидуваат да избегнуваат глутен. Многу експерти мислат дека тоа е неопходно, но вистината е дека глутенот, особено глутенот од современата пченица, може да биде проблематичен за многу луѓе. (25) Не е воопшто изненадувачки што производителите на храна понудија секакви видови на производи без глутен на пазарот. Проблемот со тие производи е што обично се толку лоши како и нивните еквиваленти што содржат глутен, ако не и повеќе. Тоа се високо преработени производи многу сиромашни со хранливи материи и често направени со рафиниран скроб што води до многу брз скок на шеќерот во крвта.

Затоа избирајте производи кои природно не содржат глутен, како растителните прозиводи, а не преработени производи што не содржат глутен. Брзата храна без глутен е сепак брза храна.

15. Повеќето преработени житарици

Начинот на кој се продаваат некои житарици е навистина крајно нечесен. Многу од нив, вклучувајќи ги и тие што се продаваат за деца, имаат секакви видови на здрави ознаки и тврдења втиснати на пакувањето. Тоа вклучува погрешни нешта како „цело зрно“ или „ниска содржина на масти“. Но, кога всушност ќе ја погледнете листата на состојки, ќе видите дека сè е всушност само рафинирани зрна, шеќер и вештачки хемикалии.

Вистината е дека ако всушност пакувањето на одреден производ вели се работи за здрава храна, тогаш веројатно не е. На вистински здравата храна не ѝ требаат никакви ознаки и тврдења, тоа се природни производи од една состојка. На вистинската храна не ѝ треба ни листа со состојки бидејќи вистинската храна е состојката.

Крис Ганерс, дипломиран доктор по медицина