Дали чувствителноста на глутен е вистинска или измислена?

Целијачната болест, најтешката форма на нетолеранција на глутен, погодува само 0,7 – 1% од популацијата. (1) Сепак, постои една друга состојба наречена „нецелијачна“ чувствителност на глутен. (2) Вклучува несакана реакција на глутен кај луѓе кои немаат целијачна болест. Таа состојба често се спомнува во дускусиите за исхрана, но е многу контроверзна помеѓу здравствените професионалци.

Оваа статија нуди преглед на чувствителноста на глутен и дали е тоа нешто за што треба да бидете навистина загрижени.

Што е глутенот?

Пред да продолжиме, дозволете ми накратко да објаснам што е глутенот.

Глутенот е група на протеини што се наоѓа во житариците како пченица, спелта, ‘рж и јачмен. Од сите житарици кои го содржат, најчесто се консумира пченицата. Двата главни протеини во глутенот се глијадин и глутенин, од кои се чини дека глијадинот е најодговорен. (34) Кога брашното се меша со вода, протеините од глутенот се поврзуваат за да формираат мрежа со конзистенција на лепак. (5) Името „глутен“ всушност доаѓа од тие својства на лепак (glue).

Глутенот го прави тестото еластично и му дава на лебот способност да порасне кога се загрева со заробување на молекули на гасови во внатрешноста. Исто обезбедува и добра текстура за џвакање.

Заклучок: Глутенот е главен протеин во неколку типови на житарици, вклучувајќи ја и пченицата. Поседува одредени својства кои го прават многу популарен за правење леб.

Постојат неколку различни нарушувања поврани со глутенот

Постојат бројни заболувања кои директно или индиректно се поврзани со пченицата и глутенот. (6) Најпозната е целијачната болест. (7)

Кај пациентите со целијачна болест, имунолошкиот систем погрешно мисли дека протеините од глутенот се туѓи тела кои го напаѓаат и започнува напад против нив. Покрај тоа, при изложеност на глутен, имунолошкиот систем започнува да ги напаѓа природните структури во стомакот, што може да доведе до сериозни оштетувања. Овој „напад против себе“ е причината зошто целијачната болест е класифицирана како автоимуно заболување. (8)

Состојбата „нецелијачна“ чувствителност на глутен (во овој текст наведена како чувствителност на глутен) има различна природа од целијачната болест. (12) Исто постои и алергија на пченица, која што релативно ретко се среќава и погодува веројатно помалку од 1% од популацијата. (14)

Несаканите реакции на глутенот се поврзуваат со бројни други заболувања, вклучувајќи и еден вид на церебрална атаксија наречена глутенска атаксија, Хашимото тироидитис, дијабетес тип 1, аутизам, шизофренија и депресија. (15161718192021) Тоа не значи дека глутенот е главната причина за тие заболувања туку дека може да ги влоши симптомите во една подгрупа на луѓе кои ги имаат.

Во многу случаи се покажува дека исхраната без глутен е од голема помош во контролираните испитувања (вистинска наука), но тоа треба уште повеќе да се проучи.

Заклучок: Неколку заболувања се поврзани со консумирањето пченица и глутен. Најчести се алергијата на пченица, целијачната болест и нецелијачната чувствителност на глутен.

Што е точно (нецелијачна) чувствителност на глутен?

Едноставно кажано, луѓето што се нетолерантни на глутен искусуваат одредени симптоми откако ќе внесат глутен, а имаат позитивни резултати при исхрана без глутен, откако ќе се утврди дека немаат целијачна болест или алергија на пченица.

Луѓето со чувствителност на глутен обично не покажуваат никакви промени во обвивката на дигестивниот тракт или антитела против сопствените ткива на телото, кои се едни од клучните фактори за целијачна болест. (12)

Ова се предложени дијагностички критериуми за чувствителност на глутен: (23)

  1. Внесувањето на глутен брзо предизвикува симптоми, дигестивни или недигестивни.
  2. Симптомите исчезнуваат брзо со исхрана без глутен.
  3. Повторно внесување на глутен предизвикува симптомите повторно да се појават.
  4. Целијачната болест и алергијата на пченица се отфрлени.
  5. За целосно да се потврди дијагнозата треба да се направи тест за глутен (gluten challenge test).

Чувствителноста на глутен има бројни симптоми. Според истражувањата тие симптоми вклучуваат: подуеност, гасови, дијареа, болки во стомакот, губење на телесна тежина, егзем, црвенило, главоболка, болки во коските и зглобовите, хроничен замор и депресија. (2526)

Според некои истражувања, чувствителноста на глутен најчесто се јавува кај возрасни и луѓе во средна возраст, а почесто кај жените отколку кај мажите. (29, 30)

Заклучок: Чувствителноста на глутен вклучува несакани реакции на глутен кај луѓе кои немаат целијачна болест или алергија на пченица. Не се достапни доволно податоци колку често се јавува.

Чувствителноста на глутен е вистинска, но постојат многу неодговорени прашања

Чувствителноста на глутен е многу повеќе од некои измислици.

Постојат стотици документи во литературата за тоа. Само обидете да пребарате во објавените медицински трудови или електронската литература. Исто постојат и тони на научници и лекари, вклучувајќи и многу ценети гастроентеролози, кои се убедени дека е вистинска.

Точно, не постојат докази дека секој треба да го избегнува глутенот, а дефинитивно постои и „модна компонента“ во трендот за исхрана без глутен.

Сепак, чувствителноста на глутен (или пченица) е нешто вистинско и предизвикува проблеми кај многу луѓе. За жал, оваа состојба е неверојатно комплицирана, а до сега се откриени многу малку јасни одговори.

Ако лично сте уверени дека глутенот/пченицата ви предизвикува проблеми, тогаш не постои никаква причина да седите и чекате. Ако ве прави да се чувствувате лошо, само избегнувајте го. Многу едноставно. Тука не постојат хранливи материи што не можете да ги добиете од други (често многу поздрави и похранливи) производи.

Само бидете сигурни да изберете вистинска храна која природно не содржи глутен, а не преработени производи кои не содржат глутен. Брзата храна што не содржи глутен е сепак брза храна.

Крис Ганерс, дипломиран доктор по медицина