За што се добри капините?

Ботаничко име: Rubus fruticosus

Капините, што растат на трнливи грмушки наречени капини, потекнуваат од Европа. Достапни се во текот на целата година, но растат во пролет и во почетокот на летото. Капините добро растат на широк спектар на почви, но сепак е неопходна добра дренажа и запомнете да ги засадите на место каде што ќе бидат директно изложени на сончева светлина. Капината технички не е само едно овошје. Секоја капина се состои од 80-100 мали топчести единици организирани во форма на грозд, слично на минијатурно грозје. Секоја капина има сочна пулпа, едно мало семе и е долга три до четири сантиметри.

Здравствени придобивки од капините

Листата на хранливи материи што ги содржат капините е долга. Преполни се со витамин Ц (порција од 100 гр содржи 23 мг или 35 проценти од препорачаниот дневен внес), но содржат малку калории (само 43 калории во порција од 100 гр) и натриум. Капините се одличен извор и на растворливи и на нерастворливи влакна. Порција од 100 гр цели капини содржи 5,3 гр влакна, што претставува 14 проценти од дневниот препорачан внес.

Капините се исто богати со витамин А, Е, К и Б витамини, како и антиоксиданси лутеин и зеаксантин, што ги собираат слободните радикали и реактивните кислородни видови што имаат улога во процесот на стареење и хроничните болести.

Тие се едни од производите со најголем капацитет за апсорпција на кислородни радикали што ни се достапни. Во ова овошје исто се присутни и минерали како бакар, манган, магнезиум, калиум, пантотенска киселина, пиридоксин, рибофлавин, ниацин и фолна киселина.

Понизните капини содржат импресивно високи нивоа на фенолни флавоноидни фитохемикалии како елагична киселина, антоцијанин, танин, галска киселина, пелагронидин, кверцетин, цијанидин, кемпферол, катехини и салицилна киселина. Овие антиоксидантни соединенија нè заштитуваат од стареење, воспаление, рак и други невролошки болести.

Сепак, умерено консумирајте капини бидејќи содржат фруктоза, што може да биде штетна за вашето здравје во прекумерни количини.

Истражувања за капините

Постојат се поголем број на истражувања што тврдат дека бобинките како капините може да бидат меѓу најмоќните антиканцерогени овошја. Капините се богати со цијанидин-3-глукозид, елагична киселина, лигнани и флавоноидот мирицетин – супстанци што може да имаат својства што штитат од рак. Жените во постменопауза со рак на дојка кои консумираат големи количини на растителни лигнани се наоѓа дека се со помала веројатност да умрат од нивниот рак на дојка во споредба со пациентите со низок внес.

Утврдено е дека особено цијанидин-3-глукозид има хемотерапевтско и хемозаштитно дејство. 1 Елагичната киселина, друга моќна состојка во капините, покажано е дека инхибира формирање на рак, додека мирицетинот има антиоксидантно дејство. Оваа корисна комбинација на хемикалии во капините може ефикасно да превенира рак повеќе од било која друга хемикалија поединечно.

Капините може да имаат корисни ефекти и врз здравјето на вашиот мозок. Според една статија објавена во Службениот весник за земјоделство и прехрамбена индустрија на САД2,високото ниво на антиоксиданси во капините, јагодите и другите бобинки може да помогне да се превенира загубата на меморијата поврзана со стареењето.

„Сајенс Дејли“ („Science Daily“)објави:

„...Бобинките го менуваат начинот на кој комуницираат невроните во мозокот. Тие промени во сигнализирањето може да превенираат воспаление во мозокот што придонесува за оштетување на невроните, а исто ја подобрува и моторната контрола и сознавањето.“ 3

Здрави рецепти со капини: Салата со кељ и три вида на бобинки

Состојки:

  • 1 главица кадрав кељ, листовите отстранети од стеблото и искинати
  • 1 чаша свежи цреши, без семки и исечени
  • 1 чаша свежи боровинки
  • 1 чаша свежи капини
  • 1 чаша исечени свежи јагоди
  • 1 авокадо, исецкано
  • 2/3 чаша исецкани печени бадеми
  • ¼ лажичка сол
  • ¼ лажичка бибер

За винегрет од јагоди:

  • ¾ чаша исечени свежи јагоди
  • 3 лажици маслиново масло
  • 2 лажици јаболков оцет
  • 1 лажичка мед
  • 1 прстофат сол
  • 1 прстофат бибер
  • 1 прстофат цимет

Постапка:

  1. За да се направи винегрет, се ставаат сите состојки во блендер или процесор за храна и се мешаат додека не се добие хомогена смеса.
  2. Ставете го кељот во голем сад и додадете околу ¼ чаша од винегретот од јагоди. Измешајте добро со рацете, а потоа оставете го кељот да отстои 5-10 минути.
  3. Додадете ја солта, биберот, црешите, бобинките и авокадото, а потоа додадете уште неколку лажички винегрет по површината. Завршете со посипување со исечените бадеми.

Интересни факти за капините

Постои една стара ирска поговорка што гласи: „На денот на Свети Архангел Михаил ѓаволот стапнува врз капини.“ Според едно британско и ирско суеверие, стариот ден на Свети Архангел Михаил (празникот на Свети Михаил, еден од главните ангели воини) што е на 10-ти октомври, е последниот ден кога треба да се берат капини. Легендата вели дека тоа е денот кога Луцифер бил протеран од рајот и по паѓањето од небото се спуштил на трнлива грмушка со капини. Кажал пцовка и го плукнал овошјето, а потоа го изгорел со неговиот огнен здив, со што го направил непогодно за консумирање за луѓето.

Заклучок

Сочни и кисело-слатки, капините се летни бобинки и популарен додаток на салати и смути. Нивната темна боја е знак за нивната висока содржина на антиоксиданси и благодет во борбата против знаците на стареење, рак и други дегенеративни заболувања. Нема никаков недостаток на хранливи материи во ова овошје и е преполно со витамин А, Е, К и Б витамини, влакна, антиоксиданси зеаксантин и лутеин и импресивен број на флавоноиди што промовираат здравје.

Сепак, запомнете дека најдобро е капините да се консумираат во нивната природна состојба со цел да се добијат нивните придобивки. Хранливите материи може да се зачуваат и со замрзнување, иако текстурата може да се промени.

Извори:

1 „Екстракт од капини богат со антоцијанин ги потиснува својствата на топоизомеразата што ја оштетуваат ДНК“ и „Отрови во клетките на ракот на дебелото црево“, 22-ри мај 2012

2 „Бобинките го подобруваат сигнализирањето во мозкот“, 23-ти јануари 2012

3 „Јадењето бобинки му користи на мозокот“, 7-ми март 2012