За што е добра брокулата?

Ботаничко име: Brassica oleracea italica

Како водечки член на крстоцветниот зеленчук, зборот „брокула“ значи „гранка“ или „рака“ за крстовидните стебла, како мини дрвја со цветови. Карфиолот, прокељот, зелката и кељот се исто крстоцветен зеленчук. Како популарна храна на древните Римјани, брокулата порано растела диво на бреговите на Средоземното Море. Нејзината употреба датира од 16-тиот век во Франција и 1700-тите години во Англија.

Здравствени придобивки од брокулата

Кога се јаде сирова, брокулата има голем број на хранливи елементи. Важно е да се напомене дека најдобро е брокулата да се јаде сирова бидејќи готвењето и обработката уништуваат некои од нејзините антиоксиданси.

Има двојно повеќе витамин Ц од портокалот, скоро исто калциум како и полномасното млеко (со подобра стапка на апсорпција) и поседува антиканцерогени и антивирусни својства што се должат на нејзината содржина на селен.

Истражувања за брокулата

Јадењето брокула и никулци од брокула може да ја зголеми способноста на вашето тело за детоксификација по изложеност на карциногени и оксиданси од храната и воздухот, благодарение на фитохемикалијата сулфурафан, според едно ново истражување.1

Брокулата е нашироко истражувана за нејзината очигледна способност да се бори и дури и да превенира многу различни типови на рак и други болести на телото. Сепак, биодостапноста (способноста да бидат апсорбирани во системот) на изотиоцијанатите (фитохемикалии или растителни хемикалии) од свежата брокула е околу три пати поголема од таа на готвената брокула.2

Едно истражување спроведено на група од десет пушачи и десет непушачи кои консумираат брокула ја покажува важноста на консумирањето крстоцветен зеленчук за да се заштитат клетките од оштетувања на ДНК.3

Здрав рецепт со брокула: Сос од брокула

Состојки:

  • 1 голема китка свежа брокула
  • 2 до 4 чешниња толчен лук
  • 1/3 чаша ладно цедено маслиново масло
  • 1 лажичка ким
  • 1 лажичка мелено семе од коријандер
  • ¼ исецкан кромид
  • малку бибер
  • 3 лажички сок од лимон или зелен лимон
  • 1 чаша вода

Постапка:

  1. Ставете еден сантиметар или помалку од еден сантиметар вода во големо тенџере да зоврие. Исечете ја брокулата на големи парчиња и ставете ја во зовриената вода, мешајќи додека секое парче се навлажни, додека не стане меко, но сè уште живо зелено.
  2. Префрлете ја брокулата во садот од процесорот за храна и додадете ги останатите состојки, а потоа мешајте додека не добиете конзистенција на пире.
  3. Вратете ја смесата во тенџерето и гответе околу 3 миниту на средна температура за да добиете дебел сос, а ако сакате можете да го разредите со вода. Ставете зачини по вкус. Се добиваат 6 порции.

Интересни факти за брокулата

Во „Расправа за градинарство на граѓанин на Вирџинија“, напишана во 1775 година, Џон Рендолф ја опишува брокулата вака: „Стеблото се јаде како аспарагус, а главата како карфиол.“

Заклучок

Брокулата не е само вкусна. Повторно и повторно е докажано дека содржи неверојатни состојки што го исцелуваат телото и превенираат оштетување на клетките. Иако тестовите покажуваат дека најмногу ќе добиете од нејзината хранлива вредност доколку ја јадете сирова, брокулата подготвена како благо крцкава со светло зелена боја сè уште има многу атрибути корисни за вас. Можеби тоа е причината зошто брокулата се користи насекаде низ светот во последните 2 000 години.

Извори:

1 Кеап1-Нрф2 сигнализација: Цел за сулфурафанот за превенција на рак, јули 2012

2 Распоредување на глукозинолатите и сулфурафанот кај човекот по внесување на обарена и свежа брокула, јули 2012

3 Ефектот од внесувањето на брокула на маркерите поврзани со оксидативниот стрес и ризикот од рак кај здрави пушачи и непушачи, јули 2012