За што е добра куркумата?

Ботаничко име: Curcuma longa

Куркумата припаѓа на фамилијата на ѓумбирот, се користи илјадници години во Источна Индија и Средниот Исток, а денес е еден од најпознатите високо ценети зачини во светот. Древната медицинска употреба на куркумата започнала кога била забележана како антивоспалителен агенс, а потоа за лекување на широк спектар на состојби, како жолтица, менструални проблеми, крв во урина, крварење, забоболка, модринки, болка во градите, подуеност и колика.

Здравствени придобивки од куркумата

Основните хранливи аспекти на 30 gr куркума вклучуваат 26 % од дневната вредност за манган и 16 % од дневната вредност за железо. Исто е и одличен извор на влакна, витамин Б6, калиум и здрава количина на витамин Ц и магнезиум. Иако најверојатно никој не би проголтал 30 gr куркума со еден оброк (што би било потполно безбедно), една лажичка, како поразумна порција, обезбедува одлични фитонутритиенти. Всушност, куркумата е ефикасна дури и во многу мали количини, употребена како зачин за една порција.

Здравствените придобивки од куркумата вклучуваат подобрена способност за дигестија на масти, намалена подуеност и гасови, намалена конгестија и подобрување на некои состојби на кожата како егзема, псоријаза и акни.

Куркумата се користи како моќен антивоспалителен агенс во кинеската и индиската медицина со милениуми.

Куркуминот, основниот фармаколошки агенс во овој зачин, поседува докажани ефекти во таа област кои може да се споредуваат со антивоспалителните лекови за кои не е потребен рецепт, како и со некои лекови што се препишуваат на рецепт. Но куркуминот не дава токсични ефекти како некои синтетички лекови.

Другите забележани здравствени придобивки од куркумата вклучуваат ослободување од болка во зглобовите, како ревматоиден артритис, намалување на оток на зглобовите и поголем опсег на движење, кога се користи редовно.

Едно истражување укажува дека куркумата исто може да помогне и во терапија на воспалителни болести на цревата, намалување на концентрацијата на холестерол, заштита на срцето, олеснување на варењето на храната, подобрување на функцијата на црниот дроб и дури и превенција на Алцхајмерова болест.

На листата на можни придобивки се наоѓаат и превенција на рак и инхибиција на раст на канцерозни клетки – особено рак на дојка, дебело црево, простата и бели дробови, како и леукемија кај деца.

Истражувања за куркумата

Едно истражување истакнува дека куркуминот, главната компонента на зачинот куркума, има неколку терапевтски ефекти, од кои еден е инхибиција на пролиферација на канцерозни клетки.

Исто се тестирани и екстракти од куркума, и утврдено е дека имаат својства што ја подобруваат кожата. Во едно истражување, екстракти од куркума биле применувани на кожа оштетена од ултравиолетово зрачење, во текот на шест недели. Научниците утврдиле подобрување на хидратацијата на кожата и содржината на себум, како и можност слични креми да може да се користат во идни фотопротективни формулации.

Во друго истражување, пронајдено е дека етанолски екстракт од куркума и куркумин маст доведуваат до значајно намалување на болката кај пациенти со надворешни канцерозни лезии.

Здрав рецепт со куркума – Ориз со индиски ореви, суво грозје и куркума

Состојки:

  • 2 лажички кокосово масло
  • 1 ½ чаша ориз
  • 2 чаши кокосово млеко
  • 2 чаши супа од зеленчук
  • 4 лажички куркума во прав
  • 3 лажички ким
  • 3 лажички коријандер
  • 1 прстофат мелен црвен пипер
  • 1 лажичка сол
  • 1 ловоров лист
  • ½ чаша суво грозје
  • ¾ чаша индиски ореви (половинки)

Постапка:

Загрејте го маслото во голема тава на средна температура. Додадете го оризот и оставете го да се готви 2 минути. Додадете ги и измешајте ги останатите состојки, и доведете ја смесата до вриење. Потоа намалете ја топлината на најниска температура и покријте ја цврсто тавата, промешувајќи еднаш за да се спречи лепење. Нека се готви додека да омекне оризот – околу 20 минути.

Заклучок

За да добиете најмногу од тоа што го нуди куркумата, користете ја во сите јадења што моментално ги готвите; куркумата може да додаде специфичен вкус на пире јадења, како пире од компири или карфиол, пржен кромид, брокули, моркови или пиперки. Може да се користи како основа за сосови, крем сосови од зеленчук и салата од јајца.

Бидете сигурни дека избирате органски куркума зачин, а не кари зачин што има незначителна количина на нешто здраво.

Извори:

Kaur, C. D., & Saraf, S. (2011). Topical vesicular formulations of Curcuma longa extract on recuperating the ultraviolet radiation-damaged skin. Journal of cosmetic dermatology, 10(4), 260–265. https://doi.org/10.1111/j.1473-2165.2011.00586.x

Kuttan, R., Sudheeran, P. C., & Josph, C. D. (1987). Turmeric and curcumin as topical agents in cancer therapy. Tumori, 73(1), 29–31.

Sun, X. D., Liu, X. E., & Huang, D. S. (2012). Curcumin induces apoptosis of triple-negative breast cancer cells by inhibition of EGFR expression. Molecular medicine reports, 6(6), 1267–1270. https://doi.org/10.3892/mmr.2012.1103