Вербата прави чудa

Во Индија луѓето се молат на Господ Кришна, голем духовен Учител кој живеел на земјата пред илјадници години. Во едно место во Бенгал, Индија, слугата на еден богат човек секој ден одел до куќата на неговиот господар преминувајќи една река со помош на скеле. Еден ден имало многу силна бура. Скелето не можело да ја помине подивената река, а слугата, кој бил принуден да пешачи многу километри за да стигне до мост, задоцнил со неговото пристигнување.
Неговиот господар бил разбеснет: „Будала еден“, извикал господарот, „да го повтореше три пати името на Господ Кришна, ќе видеше дека не ти треба чамец, ќе можеше одејќи да ја поминеш реката.“

Тоа попладне бидејќи бурата не покажувала знаци на стишување, сиромавиот слуга бил исплашен од истата ситуација. Овој пат, со неговата едноставна верба, ги послушал инструкциите од неговиот господар. Од најголемите длабочини на неговото срце го повторувал името на Господ Кришна. И гледај, чудо над чудата! Почувствувал сила која го терала да оди кон водата и бил во можност да оди по самите бранови. Така ја поминал реката.

Кога неговиот господар ја чул приказната, неговата радост немала граници. Огромна гордост се појавила во неговото срце. Не беше тоа неговиот совет кој доведе до успех? „Никогаш не сум знаел дека мојот совет има толкава моќ.“ – си помислил. „Ајде самиот да уживам во ова чудо.“

Богатиот човек отишол до реката, која сега била тивка и мирна, и го повторил три пати името на Господ Кришна. Почнал да ја минува реката, но стравот и сомнежот го измачувале целото негово битие и иако стотици пати го повторувал светото име, неговиот обид бил бесплоден. Се удавил.

Што можеме да научиме од оваа приказна? Слугата имал искрена верба во неговиот господар. Исто така имал безусловна верба во Господ Кришна. Апсолутната верба во божествената моќ е таа која го спаси и ја потврди моќата на милоста на Господ Кришна.

Извадок од „Јога и духовниот живот“ од Шри Чинмој