Начин на употреба и дозирање на масло од канабис

Вовед

Лек може да се внесе во вашето тело на неколку различни начини.
Повеќето лекови најчесто се земааат орално, или преку уста. Понекогаш лековите делуваат побрзо и се поефикасни доколку не мора да поминат прво преку цревата. За лек што луѓето вообичаено го земаат орално, понекогаш е потребен различен начин за да се внесе во телото. Повраќање со треска, на пример, може да значи дека лицето не може да го прими лекот орално.
Постојат голем број на лекови во форма на креми, масти и масла што се нанесуваат на кожата. Тие лекови обично се применуваат директно на подрачјето каде што се потребни и се непрактични доколку се земаат орално. Затоа треба да се применат директно на пределот на кој му е потребен третман. Тој метод се нарекува топикален.
Друг начин да се земе лек е преку лепенка за кожа, или фластер. Toа се нарекува трансдермален метод. Со лепенка за кожа, лековите директно се апсорбираат во крвотокот.
Постојат бројни алергиски лекови кои се земаат назално, или преку нос. Некои луѓе примаат лекови со инхалација.
Еден од најчестите и најбрзи начини на лекување обично бара помош од доктор или медицинска сестра. Лековите може да се испорачуваат и интравенозно, или со инфузија. Со инфузија, лековите влегуваат директно во крвотокот, што може да овозможи да дејствуваат брзо и да бидат најефикасни.
Уште еден брз начин на делување на лек е кога се употребува сублингвално, или под јазик. Лекот се става под јазикот за да се раствори и да се апсорбира во крвта преку богатата мрежа на крвни садови во тој предел.
Супозиториите се уште еден начин на примање на лек. Тие се мали дози со тркалезен или конусен облик што ги ставате во вашето тело, најчесто во вашиот ректум. Откако еднаш е внесена, супозиторијата се топи или раствора и го ослободува лекот.

Различните начини на употреба на лекови даваат различна биорасположливост. Што е биорасположливост?
Во фармакологијата, биорасположливост е поткатегорија на апсорпција и претставува дел (изразен во проценти) од администрираниот лек кој достигнува до системската циркулација. По дефиниција, кога лекот се администрира интравенозно, неговата биорасположливост е 100 %.
Меѓутоа кога лекот се администрира преку други патишта, кои не се интравенски, неговата биорасположливост е генерално пониска од таа при интравенска администрација.

Сублингвална употреба, или примање на лек под јазик

Сублингвална употреба на лек значи ставање на лекот под вашиот јазик за да се раствори и апсорбира во крвта.
Лекот може да биде во форма на таблети, гелови, масла или спрејови.

Кога се зема лек сублингвално?

  • Kога лекот треба да се внесе во вашиот систем, а имате проблеми со голтање.
  • Кога лекот не се апсорбира добро во желудникот.
  • Кога ефектите на лекот ќе се намалат со варењето на храната.
  • Кога лекот треба да делува брзо.

Предности и слабости

Сублингвалната употреба на лек има свои предности. Бидејќи лекот брзо се апсорбира, овој вид на употреба може да биде важен за време на итни случаи, кога лекот треба да делува веднаш, како, на пример, за време на срцев удар.

Јадењето, пиењето и пушењето може да влијаат на тоа како се апсорбира лекот и на степенот на апсорпција.
Не се препорачува да пиете, голтате, јадете или пушите некое време откако ќе го земете лекот со овој начин на употреба.

Од друга страна, овој вид на употреба не е добар за лек што треба да се апсорбира споро во вашиот систем.
Какви било отворени рани во устата можат да бидат иритирани од лекот.
Понекогаш овој начин на употреба на лекови може да ја иритира устата.

Што треба да знаете за сублингвална употреба на масло од канабис?

Со сублинвална употреба на масло од канабис, се внесуваат повеќе активни канабиноиди во крвотокот отколку кога истата количина на масло се зема орално.
Сублингвалната апсорпција на маслото од канабис целосно го заобиколува дигестивниот систем и метаболизирањето во црниот дроб, со што состојките од маслото се апсорбираат директно во крвотокот. Најпрво поминуваат преку мукозната мембрана на устата, а потоа одат во крвотокот. Маслото се апсорбира преку капиларите под јазикот, кои се влеваат во сублингвалната вена, а потоа во јазичните и југуларните вени кои што водат директно до циркулаторниот систем. Откако крвта ќе дојде до срцето, ќе продолжи да циркулира низ целиот циркулаторен систем и преку артериите ќе дојде до мозокот и другите органи во рок од 30 до 120 секунди.
Со орална употреба на маслото од канабис, со голтање, обично е потребен најмалку 1 час за да се почувствува ефектот, додека сублингвалната апсорпција се случува за време од неколку минути.

Кога канабиноидите се апсорбираат сублингвално, ефектите од маслото не само што се чувствуваат побрзо, туку се забележува и поголема биорасположливост од орална употреба за околу 50-75 %. Тоа значи дека е потребна помала количина за поголем ефект, што заштедува време и пари.

Овој начин на употреба се препорачува пред спиење, така што психотропниот ефект ќе се намали во текот на ноќта. Со тек на време, телото се навикнува на нивото на ТХЦ (THC) и не се забележува присуство на психоактивни ефекти. Но тоа е различно од пациент до пациент.
Луѓето имаат различна толеранција за еден ист лек, a телесната тежина исто така влијае врз толеранцијата на маслото од канабис.

Начин на употреба

  • Исплакнете ја устата за да биде чиста и без остатоци од храна.
  • Измијте ги рацете.
  • Нанесете ја одредената количина на масло на врвот на прстот и ставете ја на долниот дел од јазикот. Ако има остатоци од маслото на прстот, поминете со тој дел преку врвот на долните предни заби. Исто така можете да го нанесете и со шприц. Доколку го чувате маслото во шприц со навртување, дозирањето е лесно и прецизно.
    Дозволете му на вашиот јазик да легне на дното на усната празнина.
  • Држете го маслото под јазик 1 до 2 минути. Повеќето активни состојки од маслото влегуваат во капиларите од устата. Дозволете ѝ на плунката постепено да го раствори и голтнете го за преостанатите соединенија да влезат во крвотокот преку дигестивниот тракт.

Совети

Ако само што започнувате со употреба на маслото, препорачливо е да го земате навечер пред спиење. Ако ја следите шемата за дозирање, откако ќе почнете да го земате преку ден, не управувајте со моторно возило и не користете механизација и машини. Препорачливо е да мирувате се додека телото не се навикне на маслото со негова редовна употреба. Тогаш ќе можете нормално да функционирате затоа што маслото од канабис не ги нарушува вашите моторички способности.

Чувајте го на ладно и темно место. Фрижидерот е идеално место.
Уште подобро е додека го чувате во фрижидер, да го изолирате од доток на нов воздух ставајќи го шприцот со масло во кеса што добро се затвора и не дозволува да влегува воздух. Тоа ќе го продожи рокот на употреба доколку имате поголема количина на масло.

Дејството на маслото може да трае од 6 до 10 часа. Доколку почувствувате анксиозност, препорачливо е да се напиете чај од ѓумбир и да пиете повеќе вода. Истуширајте се со ладна вода.

За сублингвална употреба е потребно само маслото од канабис во шприц за прецизно дозирање и не е потребна никаква друга подготовка. Потребно е само да се следи шемата зa дозирање (претставена во понатамошниот дел од статијата).

Орална употреба на масло од канабис

Дигестивните процеси го менуваат метаболизмот на канабиноидите и создаваат различни метаболити на ТХЦ во црниот дроб. Тоа може да даде различни ефекти во зависност од личноста. Бидејќи оралниот пат е погоден, се користи најчесто при земање на масло од канабис, или подготвени капсули од масло од канабис.
При орална употреба, почетокот на ефектите се одложува и се појавуваат покасно како резултат на побавната апсорпција на канабиноидите. Тоа е важно да се знае кога се одлучува како да се употребува маслото од канабис.

Оралната употреба има ограничувања поради начинот на кој канабиноидите се движат низ дигестивниот тракт. Повеќето лекови обично се апсорбираат во тенкото црево. Соединенијата минуваат низ цревниот ѕид и патуваат до црниот дроб, пред да бидат транспортирани преку крвотокот до нивната целна локација. Цревниот ѕид и црниот дроб хемиски ги менуваат (метаболизираат) канабиноидите, претворајќи го ТХЦ во психоактивно соединение со негово претворање во 11 хидрокси ТХЦ (11-OH-THC), што всушност има до 5 пати поголем психоактивен ефект. Тој ефект исто зависи и од тоа дали и колку сте јаделе претходно, и колку толеранција имате развиено.

Кога маслото се зема орално, исто така се намалува количината на активна состојка што достигнува до крвотокот.
За разлика од оралната употреба, кога маслото од канабис се користи сублингвално, често се употребува во помали дози, а се добива ист медицински ефект.
Кога канабисот се зема орално, храната и другите лекови во дигестивниот тракт може да влијаат на тоа во која количина и колку брзо се апсорбираат канабиноидите. Тоа исто така може да биде главен фактор при планирање како ефикасно да се користи и употребува маслото од канабис.

Кога маслото од канабис се зема орално во неговата природна состојба, а не во капсула, апсорпцијата може да започне уште во устата. За орална употреба без капсули, потребно е само маслото од канабис во шприц за прецизно дозирање и не е потребна никаква друга подготовка. Пожелно е да се зема заедно со мала лажичка на органско ладно цедено кокосово масло за подобра апсорпција. Потребно е да се следи шемата зa дозирање (претставена во понатамошниот дел од статијата).

При орална употреба, биорасположливоста на канабиноидите од маслото од канабис е помеѓу 5 % и 20 %.
Постојат бројни начини на кои може да се подобри биорасположливоста при орална употреба. Еден таков начин е земање на маслото од канабис со здрави масти како кокосово масло, путер од какао и други триглицериди со среден и долг синџир. Едно неодамнешно истражување покажува дека употребата на масло од канабис со здрави масти, може да спречи дел од метаболизирањето на канабиноидите во метаболити што не се апсорбираат, давајќи им можност за поголема биорасположливост.

Супозиториите како начин на примањe на лек

Ректални супозитории се цврсти форми на лекови кои се внесуваат во ректумот. Ги има во различни форми и големини, но обично се потесни на едниот крај. Со ректални супозитории може да се внесуваат многу видови на лекови.
Лековите внесени со ректални супозитории имаат тенденција да дејствуваат брзо и ефикасно, затоа што супозиторијата се растопува во дебелото црево и се апсорбира директно во крвотокот без да минува преку желудникот и тенкото црево.

Во кои случаи да користите супозитории?

  • Лекот што го земате би се распаднал пребрзо во вашиот дигестивен тракт доколку го земете како пилула или течност.
  • Не можете да го голтнете лекот.
  • Повраќате и не можете да ја задржите пилулата или течноста во желудникот.
  • Лекот има премногу лош вкус.
  • Лекот има несакани ефекти доколку го земате орално.
  • Лекот не е доволно ефикасен доколку го земате орално.

Подготовка

Потребна ви е претходно подготвена супозиторија и сапун и вода, или средство за дезинфекција на рацете. Од помош е и средство за подмачкување, а за таа цел пожелно е да се користи минимална количина на кокосово масло или вода.

Нежно притиснете ја супозиторијата за да проверите дали е доволно цврста за да ја вметнете. Ако не е, оставете ја да се зацврсти држејќи ја под ладна вода додека е сè уште во обвивката. Може повторно да ја ставите неколку минути во фрижидер за да се стврдни.
Доколку е можно, одете во тоалет и испразнете ги цревата. Измијте ги рацете со сапун и вода. Исушете ги рацете со чиста крпа или хартиена крпа за една употреба.
Соблечете се за да го изложите задникот.
За да го навлажните врвот на супозиторијата, нанесете со прст минимална количина на кокосово масло за подмачкување. Ако немате ништо за подмачкување, нанесете мала количина на вода во пределот на ректумот.

Вметнување на супозиторијата

Наместете се во позиција, со тоа што можете да застанете со едната нога подигната и стапалото потпрено на стол. А можете исто така да легнете на страна со едната нога благо свиткана во коленото и повлечена кон стомакот, а другата нога испружена. Ако вметнувате супозиторија на некој друг, можеби ќе сакате да го поставите во таа позиција. Опуштете го задникот за полесно да ја вметнете супозиторијата. Вметнете ја супозиторијата во ректумот, со потесниот крај нанапред. Нежно, но цврсто, притиснете ја супозиторијата покрај сфинктерот. Сфинктерот е мускулестиот отвор на ректумот. Кај возрасни, потиснете ја 3-4 cm навнатре.

Совети

  • По вметнување на супозиторијата, останете во лежечка позиција 15-30 минути.
  • Обидете се да не ги празните цревата во период од 1 час по вметнувањето на супозиторијата.
  • Исто така избегнувајте вежбање или интензивно движење во период од 1 час по вметнувањето.
  • Чувајте ги супозиториите на ладно место за да се спречи нивно топење. Најповолно е да ги чувате во фрижидер.
  • Можете да користите медицински ракавици.
  • Исечете ги ноктите за да спречите гребење додека ја вметнувате супозиторијата.
  • Избегнувајте употреба на вазелин за подмачкување на супозиторијата. Вазелинот може да делува како изолатор и да спречи супозиторијата да се стопи откако еднаш ќе се вметне.

Ако супозиторијата излезе откако ќе ја вметнете, можеби не сте ја ставиле доволно длабоко во ректумот. Бидете сигурни добро да ја потиснете супозиторијата покрај сфинктерот.

Која е науката што стои зад ректалната употреба на масло од канабис?

Црниот дроб е клучен елемент за чувствување на психоактивниот ефект од канабисот.
Кога се употребува ректално, канабисот директно влегува во крвотокот и брзо се дистрибуира преку васкуларниот систем заобиколувајќи го црниот дроб.

Супозиториите го избегнуваат гастроинтестиналниот систем каде се метаболизира маслото од канабис, при што еден од метаболитите е 11 хидрокси ТХЦ (11-ОH-THC), што е всушност психоактивно соединение со 5 пати поголем психоактивен ефект од тој на ТХЦ. Тоа значи дека кога маслото од канабис се употребува ректално, има мал или воопшто нема психоактивен ефект.
Кога канабисот се пуши, патува низ белите дробови, а потоа во црниот дроб. Кога маслото од канабис се зема орално, со варењето на храната патува до црниот дроб. Поради дигестивниот процес и времето на патување што е потребно за да стигне до мозокот, со овој начин на употреба на маслото од канабис, психоактивниот ефект се јавува најкасно.

Под претпоставка дека дел од содржината на канабиноидите ќе помине преку слузта, потоа продолжуваат да циркулираат преку долните или средните ректални вени во долната шуплива вена (vena cava inferior), заобиколувајќи го црниот дроб; или доколку дел се апсорбира преку горната ректална вена, тогаш преку крвта одат до црниот дроб каде што се метаболизираат. Се смета дека отсутната психоактивност е резултат на тоа што ТХЦ не поминува низ црниот дроб, а со тоа не се метаболизира во 11-ОH-THC. 11-ОH-THC е помоќен, подолго останува во системот отколку ТХЦ и полесно ја поминува крвно-мозочната бариера, а со тоа има и поголем психоактивен ефект.

Што е ТХЦ-ХС (THC-HS)?

ТХЦ-ХС (ТХЦ хемисукцинат) THC-HS (THC hemisuccinate), e естерски производ на ТХЦ.
ТХЦ-ХС не е исто што и ТХЦ.
ТХЦ-ХС e добиен со хемиска стабилизација со состојки за обработка, како полиетилен гликол 400 (polyethylene glycol 400) и витамин Е сукцинат (vitamin E succinate).

Употребата на ТХЦ-ХС во супозитории резултира со одлична биорасположливост, одржливо ниво на ТХЦ во плазмата и подобрена ефикасност во однос на оралната употреба, што укажува на изводливоста на овој начин на употреба на масло од канабис со супозитории.
Аргументот во овој случај е дека без поминување низ водниот слој на слуз, ТХЦ не може да се апсорбира директно. Мастните носители како кокосовото масло, ја намалуваат апсорпцијата. ТХЦ-ХС е растворлив во вода, поради што лесно се раствора во водната слуз. Можеби добивање на ТХЦ-ХС е надвор од опсегот на повеќето од нас, но во основа се произведува со прилично едноставна хемиска реакција.
Повеќе за истражувањата за ТХЦ-ХС.

Неколку последователни студии направени за ректална апсорпција на масло од канабис, покажуваат дека без хемисукцинат (hemisuccinate), ректалната апсорпција изнесува само 3 % или помалку. Јасно е дека домашната подготовка на супозитории од масло од канабис не вклучува хемисукцинат, па затоа безбедно е да се претпостави дека повеќето супозитории направени со домашна подготовка не се апсорбираат добро.
Канабиноидите се липиди (масти) и скоро секогаш се екстрахираат во основа на масло или маст, така што разумно е да се претпостави дека ректалната апсорпција на канабиноидите со мастна основа е слаба.

Мастна основа за подготовка на супозитории од масло од канабис

Во случај на ректални супозитории од масло од канабис, супозиториите обично се направени од мастна основа, која најчесто е кокосово масло или кокосов путер, измешанa со соодветна количина на масло од канабис.

Според д-р Алан Френкел, кој истражувал и пишувал за ректалната апсорпција на маслото од канабис, неговите пациенти не почувствувале никаков ефект кога користеле масло од канабис со мастна основа. Анализата на нивната крвна плазма открила занемарливо ниво на ТХЦ (THC) и ЦБД (CBD). Според „Практична фармација – Меѓународно упатство за подготовка, нега и употреба на лекови“ (“Practical Pharmaceutics: An International Guideline for the Preparation, Care and Use of Medicinal Products”), ректумот не апсорбира масти ефикасно. Секоја активна супстанца во супозиторија, прво мора да се раствори во водната слуз што го обвива ректумот, а потоа да помине во крвотокот. Не може да се апсорбира директно од мембраната, без да помине низ водниот мукузен слој. Затоа активните супстанции кои се липофилни (како што се канабиноидите) не треба да се комбинираат со масен носач доколку се наменети за ректална употреба, затоа што тоа дополнително ќе ја намали нивната апсорпција. Скоро секое упатство за подготовка на супозитории од масло од канабис што се наоѓа на интернет се однесува на подготoвка на супозитории со мастна основа, што ја нарушува нивната ефикасност.

И покрај овие откритија, се чини дека супозиториите од масло од канабис, направени од масло од канабис со целосен спектар, сè уште се употребуваат и се ефикасни за повеќето пациенти.
На апсорпцијата исто така може да влијае и содржината на терпени (ароматични состојки) за кои што истражувањата покажуваат дека имаат симбиотички ефект, овозможувајќи маслото да делува како лек, но сè уште нема научни истражувања за да се утврди дали ја зголемуваат ректалната апсорпција на маслото од канабис.

Сепак, постојат и спротивни ставови, но јасно е дека се потребни повеќе истражувања. Во моментот има доволно аргументи за да се каже дека ректалната употреба на маслото од канабис се чини дека е ефикасна за состојби што може да имаат корист од локална употреба, како рани, хемороиди, рак на дебело црево и рак на простата.

Еден значаен случај е тој на 67-годишниот Ваклав Новак (Václav Novák), кој во 2013-тата година бил дијагностициран со рак на простата, со измерено ниво на антиген (ПСА) специфичен за утврдување на рак на простата од над 10.
Докторите му закажале хемотерапија 3 месеци подоцна. Веднаш по дијагнозата, Ваклав започнал со употреба на супозитории од 1 ml (1 gr), што содржеле 0,1 ml (0,1 gr) масло од канабис со концентрација на ТХЦ од 70 % и на ЦБД од околу 5 %. Не чувствувал психоактивен ефект, што е голем ризик при орална употреба. Се чувствувал прилично опуштено и спиел многу подобро. Кога се јавил на закажаниот преглед после 3 месеци, немал потреба од хемотерапија или друг третман. Утврдено е дека неговиот антиген (ПСА) специфичен за утврдување на рак на простата, се вратил на вредност од 0.

Што може да се очекува од супозиториите од масло од канабис?

Може да се почувствува топла сензација која што започнува од карличниот регион. Многу пациенти пријавуваат олеснување на болката скоро веднаш, без никакви психоактивни ефекти. Супозиториите им овозможуваат на пациентите брзо испорачување на лековитите состојки од маслото од канабис. Ректумот е богат со крвни садови. Да, некои сметаат дека е бизарно и никогаш нема да ги убедите да користат супозитории, но доколку прифатат ваков начин на користење, со сигурност ќе имаат придобивки од маслото од канабис.

Која е соодветната доза на масло од канабис?

Колку масло треба да земате на ден, зависи од дијагнозата на рак што ја имате. Колку порано ќе започнете да земате поголеми дози и дојдете до дневна доза од 1 ml (1 gr), толку поголем ќе биде ефектот и толку побрзо ќе се излечите.

За лекување на карцином на внатрешни органи, пациентот треба да ја земе целата терапија во најкраток можен рок.
Постои протокол кој треба да се следи за третманот да биде ефикасен. Доколку времето дозволува, пациентот сепак треба да остане во сопствениот простор на удобност кога го зема маслото од канабис и затоа треба да се почне со помала доза за прилагодување на психоактивниот ефект кој не треба да се занемари.

Во случај кога некој е болен од рак во терминална фаза и едноставно нема доволно време, тогаш треба да се прескокне фазата на прилагодување и да се следи шемата 2. Не секој сака да чувствува силен психоактивен ефект и од медицински аспект тоа нема суштинска корист во лекувањето на ракот. Но во некои случаи кога животот на пациентот е во опасност, земањето поголеми дози може да биде единственото нешто што може да го спаси.

На крајот на третманот, повеќето луѓе продолжуваат да го користат маслото со многу намалена доза. Доза од околу 1-2 gr месечно e добра доза на одржување. Една до две капки навечер пред спиење е вообичаена доза на одржување за добро здравје.

Маслото од канабис може да го излече вашиот рак, а во случаи кога ракот веќе метастазирал премногу и телото не може повеќе да се бори, може да ја олесни болката во преостанатото време додека сте на земјата.

Дозирање на масло од канабис според Рик Симпсон

Рик Симпсон е активист што скоро две децении се залага за медицинска употреба на канабисот. Рик е познат како првенец во промоција на лекување со масло од канабис. И самиот се излекувал од метастатски рак на кожата во 2003-тата година. Во период од 2003-тата до 2009-тата година успешно и бесплатно им помогнал на над 5 000 пациенти. Тој верува дека сите видови на рак и болести може да се излечат со употреба на високо квалитетно масло од канабис како главен метод на лекување. Рик тврди дека лекувал пациенти со секаков вид на состојби, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, рак, СИДА, артритис, мултипла склероза, дијабетес, леукемија, кронова болест, депресија, остеопороза, псоријаза, несоница, глауком, астма, изгореници, мигрена, регулирање на телесната тежина, хронична болка и мутирани клетки (полипи, брадавици, тумори).

Рик Симпсон тврди дека на просечен пациент му е потребна препорачана терапија од 60 ml (60 gr) квалитетно масло од канабис со конзистентност на густа маст и висок процент на ТХЦ (над 70%). За почетник, во текот на првите 2-3 недели тој препорачува помала доза 3 пати на ден, која постепено се зголемува се додека не се дојде до дневна доза од 1 ml (1 gr).
Терапијата продолжува до крај со земање на 3 дози од 0,33 ml на ден или вкупна дневна доза од 1 ml (1 gr).

Минимална доза за навикнување кај почетници

Дозата за почетник треба да биде околу половина од големината на едно зрно ориз (~ 0,005 ml).
Дозата со таа големина во првите 4 дена треба да се зема 3 пати на ден: наутро, напладне и навечер.
После 4 дена таа доза се дуплира и е еднаква на големината на едно зрно ориз(~ 0,01 ml), и се зема 3 пати на ден.
Потоа, после 4 дена, таа доза повторно се удвојува и е со големина на две зрна ориз (~ 0,02 ml), и се зема 3 пати на ден.

После тој период од 12 дена (~ 0,5 ml) може да продолжите да го земате маслото според шемата 1 подолу.

Шема за дозирање на масло од канабис за орална, сублингвална и ректална употреба

Шемата започнува со доза од 0,1 ml навечер. Доколку психоактивниот ефект при орална или сублингвална употреба на таа доза e премногу силен, тогаш пред да започнете со дозирање по шемата, добро е да почнете со препорачаната минимална доза за навикнување, како на примерот погоре.

Доколку маслото го чувате во обичен шприц без навртување, како на примерот од шемата подолу, прецизно дозирање не е секогаш возможно. Најважно е да се знае дека терапијата од 60 ml (60 gr) масло се препорачува да се земе во период од 60 до 90 дена. Шема 1 е адаптирана за оптимално дозирање на одредената количина масло во оптимален период на време. Шема 2 е наменета за дозирање на максимална количина масло во најкраток период.

Во случај кога некој е болен од рак во терминална фаза и едноставно нема доволно време, тогаш треба да се прескокне фазата на прилагодување и веднаш да се почне со дневна доза од 1 ml (1 gr), како на шемата 2 подолу.

шема-2

oralno-mesavina

Подготвување на супозитории од масло од канабис

Пресметките во упатството се однесуваат на шемата 1 за дозирање на масло од канабис од 60 ml (60 gr) во период од 73 дена. Најповолна опција за мастна основа е сиров путер од какао. Сировиот путер од какао е супериорен во однос на обичниот путер од какао затоа што не e третиран на висока температура што ги уништува хранливите материи. Сировиот путер од какао, покрај тоа што содржи есенцијални масни киселини, богат е и со антиоксиданси и полифеноли кои можат да имаат позитивен ефект врз имунитетот.
Како мастна основа исто така може да се користи и органско ладно цедено кокосово масло.

supozitorii-sema-1

шема-1-супозитории

supozitorii-sema-2

Подготвување на капсули од масло од канабис

Како мастна основа исто така може да се користи и органско ладно цедено кокосово масло.

kapsuli-sema-1

kapsuli-sema-2

ТХЦ, ЦБД и терпени во маслото од канабис

Двaта најпроминентни канабиноиди, ЦБД и ТХЦ, имаат различни лековити својства, а кога ги земате заедно или посебно, тие имаат различни ефекти врз вашето тело. Бидејќи ЦБД и ТХЦ се двaта најистакнати канабиноиди на растението канабис, повеќето денешни истражувања се фокусираат на нивниот сооднос. Разбирањето за тоа какви својства има соодносот на канабиноидите е сè уште во рана фаза на истражување. Медицинските и терапевтските својства на секој канабиноид се различни. Тетрахидроканабинол (ТХЦ) и канабидиол (ЦБД) се разликуваат во начинот на кој нивните молекули делуваат на канабиноидните рецептори во мозокот. ТХЦ се врзува со ЦБ1 рецепторите, а ЦБД се врзува со ЦБ2 рецепторите, додека исто така ги блокира ЦБ1 рецепторите да се врзат со ТХЦ. Тоа значи дека ЦБД намалува некои од ефектите на ТХЦ.
Својствата и начинот на делување зависат исто така и од начинот на употреба. На пример, доколку ТХЦ се зема ректално, психоактивниот ефект е занемарлив или воопшто го нема.

Маслото од канабис обично содржи висок процент на ТХЦ (околу 60-90 %) и помал процент на ЦБД, во зависност од видот на канабис што се користи за добивање масло. Индика сортите содржат висок процент на ТХЦ, додека сатива сортите содржат повеќе ЦБД.

Заедно со ТХЦ и ЦБД, маслото од канабис содржи и здрави масни киселини, 120 различни терпени и други 110 минорни канабиноиди, за кои што истражувањата покажуваат дека имаат симбиотички ефект, овозможувајќи маслото да делува како лек.

ефект

Постојат околу 120 терпени во канабисот. Што се терпените?

Терпените се органски хемикалии, состојки на есенцијалните масла. Терпените се непостојани ароматични молекули – молекули кои лесно испаруваат.

Терпените ѝ даваат свој уникатен мирис и вкус на секоја сорта на канабис. Покрај тоа, тие ги подобруваат здравствените ефекти на канабисот со тоа што влијаат на тоа како ние ги преработуваме канабиноидите.

Тие комуницираат со ендоканабиноидниот систем и им помагаат на канабиноидите да влезат во крвотокот преку процес наречен ефект на придружба. Таа симбиоза помеѓу канабиноидите и терпените е тоа што му ги дава на канабисот неговите посебни моќи бидејќи ја подобрува апсорпцијата на канабиноидите, ги надминува механизмите за одбрана на бактериите и ги минимизира несаканите ефекти.

На пример, мирценот ја зголемува пропустливоста на клетките и им овозможува на канабиноидите да се апсорбираат побрзо отколку што тоа би го направиле сами без овој терпен.

Мирценот е најзастапен терпен во канабисот. Всушност, едно истражување покажува дека мирценот сочинува дури 65 % од вкупниот профил на терпени во некои сорти на канабис.

Лимоненот помага во зголемување на нивото на серотонин, невротрансмитер одговорен за нашето расположение. Тоа објаснува зошто различни видови на терпени може да имаат различни ефекти врз нашето расположение.
Лимоненот е втор најзастапен терпен во канабисот, но не сите сорти содржат лимонен.

Други терпени што се позастапени во канабисот се: еукалиптол, линалол, кариофилен, алфа-бисаболол, транс-неролидол, хумулен, камфен и други.

Дозирање на масло од канабис според Денис Хил

Денис Хил е биохемичар кој го излекувал ракот со масло од канабис. Тој земал околу 1 ml (1 gr) орално за време на неговата терапија. Го земал пред спиење, така што психотропниот ефект се намалувал преку ноќ. Со тек на време, телото се навикнува на нивото на ТХЦ и повеќе не се забележуваат психотропни ефекти. Но тоа е различно од пациент до пациент.

Како маслото од канабис ги убива канцерозните клетки?

Во секоја клетка има семејство на меѓусебно преобразливи сфинголипиди кои конкретно управуваат со животот и смртта на таа клетка. Тој профил на фактори се нарекува „сфинголипиден реостат“. Ако ендогениот керамид (сигнален метаболит на сфингозин-1-фосфат) е висок, тогаш смртта на клетката (апоптоза) е неминовна. Ако керамидот е низок, клетката има силна виталност.

Едноставно кога ТХЦ ќе се поврзе со ЦБ1 канабиноидните рецептори на клетката на ракот, тоа предизвикува зголемување на синтезата на керамид што предизвикува смрт на клетката. Нормална здрава клетка не произведува керамид во присуство на ТХЦ, па затоа не е засегната од канабиноидот.

Канцерозната клетка умира, но не поради цитотоксичните хемикалии, туку поради малата промена во митохондриите. Во повеќето клетки има клеточно јадро, бројни митохондрии (стотици до илјадници) и разни други органели во цитоплазмата. Целта на митохондриите е да произведуваат енергија (АТП-ATP) која што ја користат клетките. Како што керамидот почнува да се акумулира, активирајќи го сфинголипидниот реостат, ја зголемува порозноста на митохондријалната мембрана правејќи ја пропустлива за цитохром ц, критичен протеин во синтезата на енергија. Цитохромот ц се исфрла надвор од митохондријата, со што се убива изворот на енергија за клетката.

Керамидот исто така предизвикува генотоксичен стрес во јадрото на клетките на ракот, произведувајќи протеин наречен п53, чија задача е да го наруши метаболизмот на калциум во митохондриите. Керамидот го нарушува и клеточниот лизозом, дигестивниот систем на клетката, што обезбедува хранливи материи за сите функции на клетката. Керамидот и другите сфинголипиди активно ги инхибираат патиштата за преживување на клетката, не оставајќи можност за опстанок на клетките на ракот.

Клучот во овој процес е акумулацијата на керамид во системот. Тоа значи постепено земање на терапевтски количини квалитетно масло од канабис со висок процент на ТХЦ, во текот на одреден временски период, за да се одржува метаболички притисок врз тој пат на изумирање на клетките на ракот.

Предупредување за употреба на масло од канабис кога се употребува заедно со други фармацевтски лекови и третмани

Висок крвен притисок и масло од канабис

Маслото од канабис може да го намали вашиот крвен притисок, така што доколку во моментот земате лекови за висок крвен притисок, голема е веројатноста дека повеќе нема да имате потреба од нив. Често пациентите продолжуваат да ги земаат своите лекови за висок крвен притисок, но доколку се земаат заедно со маслото, нивниот комбиниран ефект може премногу да го спушти крвниот притисок.

Препорачливо е тие што започнуваат со третман со масло од канабис, често да го проверуваат нивниот крвен притисок, а потоа да го намалат внесувањето на другите лекови за висок крвен притисок.

Во случај кога пациент страда од низок крвен притисок и користи масло од канабис, се советува да се пие почесто вода. Во некои случаи, тие што имаат низок крвен притисок, потребно е да земаат помали дози и соодветно да ја зголемат дозата се додека не се прилагодат на ефектите од маслото.

Аналгетици и масло од канабис

Поголеми дози на масло од канабис потребно е веднаш да се земат единствено доколку животот на пациентот е навистина во опасност или доколку пациентот треба да се оттргне од аналгетици што предизвикуваат зависност.

Целта е да се внесува доволно масло за да се намали болката и да му се помогне на пациентот да се оттргне од тие опасни лекови што е можно побрзо.
Кај тие кои страдаат од рак во терминална фаза, маслото или ќе го излечи ракот или во случаи кога е премногу доцна, ќе им овозможи да искусат мала или никаква болка и подобро да го поминат преостанатото време.

Хемотерапија и масло од канабис

Маслото од канабис има многу висок процент на успех во третман на сите видови на рак. Но, за жал, многу луѓе кои биле изложени на хемотерапија и зрачење, веќе се со сериозно нарушено здравје. Штетите што таквите третмани можат да ги предизвикаат имаат трајни последици, а луѓето што претрпеле ефекти од таквите третмани најтешко се лекуваат.

Но дури и тие сепак имаат добри шанси за целосно закрепнување, доколку наместо препорачаната доза од 60 gr (60 ml) внесат 180 gr (180 ml) масло од канабис со висок квалитет, во што е можно пократок период, тврди Рик Симпсон. Тоа ќе им даде најдобра шанса да преживеат.

Третман за рак на кожа

Нанесете го маслото на местото каде е локализиран ракот на кожата, покријте го со газа, залепете ја газата со фластер и нанесувајте нова количина на масло и нов завој на секои 3 или 4 дена.
Продолжете со третманот се додека ракот не исчезне. Откако ракот ќе исчезне, продолжете со третманот уште дополнителни 2 недели за да се елиминираат сите клетки на ракот кои можеби сè уште ги има.
Доколку ракот на кожата го имате подолго време, потребно е подолго време на лекување. Но обично дури и во доста тешки случаи, ракот ќе исчезне за помалку од 3 недели. Во екстремни случаи може да потрае подолго, а ако тоа е случајот, тогаш продолжете со третманот се додека не исчезне.

Начините на употреба на маслото од канабис може да се комбинираат без никакви несакани ефекти, а во некои ситуации тоа може да биде од голема корист. Повеќе информации можете да најдете во книгата со целосниот протокол според Рик Симпсон (“Cure for Cancer: The Rick Simpson Protocol”).

Истражувања за апсорпција, дистрибуција, метаболизам и екскреција на канабиноидите

Извори:

Baviskar, P., Bedse, A., Sadique, S., Kunde, V., & Jaiswal, S. (2013). Drug delivery on rectal absorption: suppositories. Int. J. Pharm. Sci. Rev. Res., 21(1), Jul – Aug 2013; 13, 70-76

Bowden, V. R., & Greenberg, C. S. (2008). Pediatric nursing procedures (2nd ed.). Philadelphia: LippincottWilliams & Wilkins.

De Boer, A.G., Moolenaar, F., de Leede, L.G., & Briemer, D.D. (1982). Rectal drug administration: clinical pharmacokinetic considerations. Clinical Pharmacokinetics, 7 (4): 286-311.

ElSohly, M.A., Gul, W., & Walker, L.A. (2018). Pharmacokinetics and Tolerability of Δ9-THC-Hemisuccinate in a Suppository Formulation as an Alternative to Capsules for the Systemic Delivery of Δ9-THC. Med Cannabis Cannabinoids 2018;1:44-53. doi: 10.1159/000489037

Elsohly, M.A., Little, T.L., Hikal, A., Stanford, D.F., & Walker, L. (1991). Rectal bioavailability of delta-9-tetrahydrocannabinol from various esters. Pharmacology Biochemistry and Behavior, 1991, 40 (3): 497-502. doi: https://doi.org/10.1016/0091-3057(91)90353-4

Munjal, M., ElSohly, M. A., & Repka, M. A. (2006). Chemical stabilization of a Δ9-tetrahydrocannabinol prodrug in polymeric matrix systems produced by a hot-melt method: Role of microenvironment pH. AAPS PharmSciTech, 7(3), E114–E125. https://doi.org/10.1208/pt070371

Narang, N., & Sharma, A. J. (2011). Sublingual mucosa as a route for systemic drug delivery. International Journal of Pharmacy and Pharmaceutical Sciences, 3(Suppl 2), 15–22

Perlin, E., Smith, C. G., Nichols, A. I., Almirez, R., Flora, K. P., Cradock, J. C., & Peck, C. C. (1985). Disposition and bioavailability of various formulations of tetrahydrocannabinol in the rhesus monkey. Journal of pharmaceutical sciences, 74(2), 171–174. https://doi.org/10.1002/jps.2600740213

Russo, E. B. (2011). Taming THC: potential cannabis synergy and phytocannabinoid-terpenoid entourage effects. British journal of pharmacology, 163(7), 1344–1364. https://doi.org/10.1111/j.1476-5381.2011.01238.x

Theisen, E. (n.d.) What you need to know about suppositories. Green health consultants.

Статијата е од информативен карактер. Не е наменета за третман на каква било здравствена состојба. Пред да користите масло од канабис, консултирајте се со соодветно стручно лице.

Правење домашно масло од канабис

За македонски превод притиснете на „CC“ и изберете Македонски.