7 Совети за минималистички начин на готвење што ја прават здравата исхрана исклучително лесна

Минималистичкиот начин на живот е доста популарен во денешно време. Ве охрабрува да ги отстраните нештата што ви го одвлекуваат вниманието и да се фокусирате на тоа што е навистина важно во вашиот живот. Со други зборови, да ги поедноставите нештата.

Готвењето е еден аспект од вашиот начин на живот што може да го поедноставите без да биде загрозен квалитетот или вкусот на храната.

Следуваат 7 совети за минималистички начин на готвење што ја прават здравата исхрана полесна.

1. Фокусирајте се на природни производи од една состојка

Природните производи од една состојка се клучот за добро здравје. Производи како овошје, зеленчук, јаткасти плодови, мешункасти плодови и јајца се одличен пример. Овие производи се неверојатно здрави и задоволувачки.

Кога се фокусирате на природни производи и високо квалитетни состојки, автоматски започнувате да јадете помалку преработена храна. Преработените производи често доаѓаат со лажни здравствени ознаки и тврдења, и долга листа на состојки, од кои многу не можете ни да ги изговорите. Меѓутоа на вистински здравата храна не ѝ ни треба листа на состојки. Таа е состојката.

Здравата исхрана може да биде многу едноставна. Држете се до природни производи и избегнувајте преработени производи со рафинирани состојки и вештачки хемикалии.

2. Користете едноставни зачини

Ако купувате високо квалитетни состојки, нема потреба да додавате многу зачини. Добро маслиново масло, сол и бибер може да бидат сосема доволно. Свежите билки исто така може да направат чуда со храната.

Покрај тоа, обидете се да избегнувате купување на нови зачини, освен ако тоа е нешто што често ќе го користите. Ако за некој нов рецепт ви се потребни зачини и мирудии што тешко се наоѓаат, најверојатно можете да ги замените со нешто што веќе го имате. Ретка состојка што ќе ја користите само еднаш е губење пари и простор во вашата кујна. Поголемиот дел од времето можете да се држите до состојки што често ги користите, веќе ги имате и знаете како да ги користите.

Не е потребно да поседувате многу состојки што ретко ќе ги користите со цел да додадете вкус на вашата храна. Едноставни состојки како високо квалитетно маслиново масло, сол и бибер може да се користат во речиси сè што правите.

3. Исчистетето го вашиот простор од кујната за чување зачини

Повеќето луѓе чуваат многу билки и зачини при рака. Тоа е сосема во ред се додека ги користите редовно и немате дупликати. Ако вашиот простор од кујната за чување зачини е неорганизиран и преполн со зачини што никогаш не ги користите, можеби ќе сакате да го средите малку.

Обидете се да ги комбинирате дупликатите во еден контејнер и да ги донирате зачините што никогаш не ги користите. Исфрлете ги зачините кои се стари или размекнати. Уредна фиока за чување зачини ќе ви помогне да готвите побрзо бидејќи ќе ви биде полесно да ги најдете зачините што ги барате. Добро правило е да поминете низ вашите зачини барем еднаш годишно.

Уреден простор за зачини ќе ве направи поефикасни во кујната. Чувајте ги зачините што редовно ги користите на дофат и комбинирајте ги дупликатите. Исфрлете ги старите зачини и донирајте ги тие што никогаш не ги користите.

4. Имајте организиран минималистички шпајз

Имајте среден шпајз полн со квалитетна храна што редовно ја користите. Подготовката на здрави оброци ќе ви биде многу полесна. Средениот шпајз исто така допринесува да се намали веројатноста дека вашата храна ќе се расипе бидејќи секогаш ќе можете да ги видите сите ваши производи уредно организирани.

Следуваат неколку совети како да го организирате вашиот шпајз:

  • Оптимизирано складирање – производите што често ги користите чувајте ги на пониските полици или напред. Производите што поретко ги користите може да ги чувате поназад или на повисоките полици.
  • Сортирање и групирање – назначете полици за слични производи, како чување на конзервирана храна на една полица, а храна за појадок на друга.
  • Етикети на сè – ставете етикети на сите производи и чувајте ги во чисти, добро затворени контејнери за да не се расипе вашата храна.
  • Зголемена достапност – обидете се да ги поставите производите така што ќе бидат директно достапни или ќе можете да ги дофатите со поместување на само еден производ.

Ако ги користите овие совети, ќе ви биде многу полесно да се снаоѓате во вашиот шпајз и да ги лоцирате производите што ги барате кога готвите.

Одвојувањето време за планирање и организирање на вашиот шпајз ќе го направи купувањето и готвењето полесно и попријатно за вас.

5. Поедноставете ги вашите кујнски апарати

Постојат тони паметни апарати што можете да ги купите за вашата кујна. А сепак многу од нив се неважни, апарати што ќе ги користите само за една цел. Не ви треба атрактивен кујнски прибор за да подготвите супер здрав оброк. За едноставни оброци се потребни само неколку основни апарати.

Ако вашата кујна е преполна со предмети што ретко ги користите, размислете да ги продадете или донирате. Фокусирајте се на задржување на функционални предмети што редовно ги користите – голем плус е ако служат за повеќе намени. Сепак, вие треба да одлучите што е од суштинско значење за вас. Тоа варира бидејќи она што вие редовно го користите може да му изгледа непотребно на некој друг. Што користите зависи од вашиот начин на живот, како готвите и каков вид на храна сакате да јадете.

Пробајте да ги чувате предметите што ретко ги користите во кутија. Ако не сте ја отвориле шест месеци, тогаш е веројатно безбедно да ги продадете или да ги донирате тие нешта.

Не ви требаат високо специјализирани, атрактивни алати за повеќето задачи во кујната. Размислете да го продадете или донирате кујнскиот прибор што не го користите често и задржете ги само најкорисните кујнски предмети.

6. Размислете пред да купите

Треба внимателно да размислите пред да купите нов кујнски апарат. Започнете запрашувајќи се дали навистина ви треба. Ако не сте сигурни, размислете уште еднаш една недела пред да одлучите да го купите.

Исто така може да помогне поставувањето правило „едно внатре, едно надвор“. За секој нов апарат што ќе го донесете во вашата кујна, треба да отстраните друг.

Размислувајте креативно и дури можеби и ќе можете да користите нешто што веќе го имате на различен начин од тоа како сте навикнати да го користите.

Кога се работи за кујнски апарати, помалку е повеќе. Размислете внимателно пред да одлучите да додадете друг апарат во вашата кујна, особено ако е апарат наменет да извршува само една одредена задача.

7. Исчистете го шанкот во вашата кујна

Време е да ја средите вашата кујна. Кујнскиот прибор што помалку го користите чувајте го во вашите фиоки наместо на шанкот. Ова е особено важно ако живеете во мал стан со ограничен простор за шанк. На тој начин ќе имате повеќе простор за подготовка на оброците и веројатно повеќе ќе уживате во готвењето доколку има помал неред околу вас. Тоа исто така ќе ви овозможи да бидете поорганизирани и пофокусирани додека готвите.

Ако треба да чувате одредени апарати и предмети на шанкот поради ограничен простор на кујнските елементи, тогаш бидете сигурни дека ги користите често и дека се од суштинско значење за подготовка на храната. Ако сакате да чувате предмети како клучеви, пошта и паричници на шанкот, бидете сигурни сè да има соодветно место каде што припаѓа.

Кујнскиот шанк има тенденција да собира неред. Одржувајќи го празен, ќе имате повеќе простор за подготовка на оброците и повеќе ќе уживате во подготовката на храната.

8. Едноставноста е клучна состојка за здрава исхрана

Исхраната е сложена, но здравата исхрана и подготовката на одлична храна не мора да биде сложена. Храната што ја подготвувате во вашиот дом е похранлива и поефтина од претходно спакуваните оброци или храната во ресторан. Затоа е од суштинско значење да го направите готвењето во вашиот дом колку што е можно поедноставно и попријатно.

Хрефна Палсдотир, лиценциран нутриционист и дипломиран биолог