9 Нездрави намирници што не треба да ги јадете

Многу производи се експлозивно промовирани дека се здрави, а се ништо повеќе од пернициозна нездрава храна.

 1. Конзервирани домати

Многу водечки брендови на конзервирана храна содржат БПА (BPA-bisphenol A) – токсична хемикалија поврзана со репродуктивни абнормалности, невролошки ефекти, зголемен ризик од рак на дојка и рак на простата, дијабетес, срцеви заболувања и други сериозни здравствени проблеми. Според тестирањето на Конзумер Рипортс (Consumer Reports), само неколку порции конзервирана храна може да ги надминат безбедните граници за дневна изложеност на БПА кај деца.

Високата киселост – истакната карактеристика на доматите – предизвикува БПА да се исфилтрира во вашата храна. За да ја избегнете таа опасна хемикалија, целосно избегнувајте конзервирана храна и држете се до свежо овошје и зеленчук или преминете на брендови што користат стаклено пакување – особено за кисели производи како доматите.

2. Преработени месни производи

2.jpg

Преработените месни производи како салама, шунка и печено говедско месо обично се направени од месо од животни одгледани во затворени простори наменети за месо (CAFOs-confined animal feeding operations).

Тоа значи дека им се давани хормони за раст, антибиотици и други ветеринарни лекови, и се одгледани во лоши услови што промовираат болест, а исто така се наполнети и со натриум нитрит (често користен конзерванс и антимикробен агенс што исто така додава и боја и вкус) и други хемиски ароми и бои.

Нитритите може да бидат претворени во нитрозамини во вашето тело, кои се моќни канцерогени хемикалии. Едно истражување ги поврзува нитритите со зголемена стапка на колоректален рак, рак на желудник и панкреас. Но тоа не е сè.

Повеќето преработени месни производи исто така содржат и други канцерогени хемикалии што се создаваат за време на термичката обработка. Тие вклучуваат:

  • Хетероциклични амини – Опасни компоненти создадени во месото и други производи што се обработуваат на високи температури. Според едно истражување, преработените месни производи се јасно поврзани со зголемен ризик од рак на желудник, дебело црево и рак на дојка.
  • Полициклични ароматични јаглеводороди – Многу преработени месни производи се чадени како дел од процесот на производство, што предизвикува да се формираат полициклични ароматични јаглеводороди. Полицикличните ароматични јаглеводороди исто така може да се формираат и при печење на скара. Кога маста капе на изворот на топлина, предизвикувајќи дополнителен чад, а чадот ја опкружува вашата храна, може да ги пренесе канцерогените полициклични ароматични јаглеводороди врз месото.
  • Крајни продукти на напредна гликација – Кога храната се обработува на висока температура – вклучувајќи и пастеризација, или стерилизација – се зголемува формирањето на крајни продукти на напредна гликација во вашата храна. Крајните продукти на напредна гликација се натрупуваат во вашето тело со тек на време што води до оксидативен стрес, воспаление и зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес и болести на бубрезите.

Вистината е дека преработените месни производи не се здрав избор за никого и треба целосно да се избегнуваат, според еден преглед од 2011-тата година на 7 000 клинички испитувања што ја истражувале врската помеѓу исхраната и ракот. Извештајот беше овластен од Светскиот фонд за истражување на ракот (WCRF-World Cancer Research Fund), при што беа искористени пари собрани од јавноста. Затоа резултатите не беа под влијание на какви било лични интереси, што ги прави уште поверодостојни.

Тоа е најголемиот преглед на докази воопшто направен и го потврдува претходно наведеното.

Преработените месни производи го зголемуваат вашиот ризик од рак, особено рак на дебело црево, и ниедна количина на преработени месни производи не е „безбедна“. Далеку подобро ќе ви биде ако ги отфрлите сувомеснатите производи и се одлучите за свежо месо добиено од животни хранети со трева и органски одгледани или див уловен лосос.

3. Маргарин

Несаканиот резултат од исхрана сиромашна со масти е избегнување на здрави масти како путер, а јавното здравје се намалува како резултат на таа глупост. Постојат огромен број на нездрави состојки во маргаринот и другите измамници за путер, вклучувајќи:

  • Транс масти – Овие неприродни масти во маргаринот и намазите се формираат за време на процесот на хидрогенизација, што ги претвора течните растителни масла во цврсти масти. Транс мастите придонесуваат за срцеви заболувања, рак, проблеми со коските, хормонален дисбаланс и проблеми со кожа, неплодност, потешкотии во бременост и проблеми при доење, мала телесна тежина на плодот, проблеми со растот и потешкотии при учењето кај деца. Американскиот владин панел на научници утврди дека вештачките транс масти не се безбедни во ниедна концентрација.
  • Слободни радикали – Слободните радикали и другите продукти со токсичен ефект се резултат на индустриска преработка на растителните масла на висока температура. Придонесуваат за бројни здравствени проблеми, вклучувајќи рак и срцеви заболувања.
  • Емулгатори и конзерванси – Бројни адитиви со сомнителна безбедност се додаваат на маргаринот и намазите. Повеќето растителни масти се стабилизираат со конзерванси како БХТ – бутилиран хидрокситолуен (BHT).
  • Хексан и други растворувачи – Користени во процесот на екстракција, овие индустриски хемикалии може да имаат токсични ефекти.

Стариот добар путер, кога е направен од крави хранети со трева, богат е со супстанца наречена конјугирана линолова киселина, ЦЛА (CLA-conjugated linoleic acid). Голем дел од причината зошто путерот е оцрнет е бидејќи содржи заситени масти.

„CLA не само што е позната по тоа што се бори со ракот и дијабетесот, туку дури може и да ви помогне да изгубите телесна тежина, што не може да се каже за нејзините транс-мастни замени.“

4. Растителни масла

Од целата деструктивна храна што ни е достапна, онаа направена со загреани растителни масла е најлоша. Не правете грешки за тоа – растителните масла не се здрава храна како што бевте наведени да верувате порано. Тоа главно се должи на фактот што тие се високо преработени, а кога се конзумираат во големи количини, сериозно го нарушуваат важниот омега-6:омега-3 однос. Идеално тој однос е 1:1.

Секогаш кога готвите храна, создавате ризик од штета предизвикана од топлина. Маслата што ќе ги изберете за готвење мора да бидат доволно стабилни на хемиски промени кога се загреваат на високи температури или создавате ризик за оштетување на вашето здравје. Еден од начините на кои растителните масла може да предизвикаат штета е со претворање на вашиот добар холестерол во лош холестерол – со оксидација.

Кога готвите со полизаситени растителни масла (како канола, пченкарно и соино масло) оксидираниот холестерол навлегува во вашиот систем. Како што маслото се загрева и се меша со кислород, се расипува. Расипаното масло е оксидирано масло и не треба да се конзумира – директно води до васкуларна болест. Транс мастите се јавуваат кога тие масла се хидрогенизирани, што го зголемува вашиот ризик за хронични болести како рак на дојка и срцеви заболувања.

Тогаш кое е најдоброто масло за готвење?

Од сите достапни масла, кокосовото масло е најдобар избор за готвење бидејќи е скоро целосно заситена маст, што значи дека е многу помалку подложно на оштетување од топлина. Кокосовото масло е една од најуникатните и најкорисни масти за вашето тело. Маслиновото масло, сигурно дека е здраво масло, но лесно се оштетува од топлина и најдобро е да се користи за да се посипе ладно врз салата.

5. Пуканки од микробранова печка

Перфлуорни алкали, кои вклучуваат перфлуороктанска киселина (PFOA-perfluorooctanoic acid) и перфлуороктан сулфонат (PFOS-perfluorooctane sulfonate), се хемикалии што се користат за да се задржи маста од протекување низ омотите за брза храна, а се проголтуваат од луѓето преку нивната храна и се појавуваат како контаминанти во крвта. Кесите на пуканките за во микробранова печка се обложени со PFOА, а кога се загреваат, соединението се филтрира врз пуканките.

Тие хемикалии се дел од голема група на хемикалии што обично се нарекува хемикалии кои влијаат на полот бидејќи можат да го нарушат ендокриниот систем и да влијаат на вашите полови хормони. Агенцијата за заштита на животната средина ги означува перфлуорираните хемикалии како „веројатно карциногени“ и изјави дека PFOA „претставува развоен и репродуктивен ризик за луѓето“. Истражувачите исто така поврзуваат различни перфлуорирани хемикалии со голем број на други опасности по здравјето, како:

  • Неплодност – Истражување објавено во списанието „Човечка репродукција“ („Human Reproduction“) наоѓа дека и PFOA и PFOS драстично ги зголемуваат шансите за неплодност.
  • Тироидни заболувања – Истражување од 2010-тата година наоѓа дека PFOA може да ја оштети вашата тироидна функција. Кај поединци со највисоки концентрации на PFOA за повеќе од два пати се јавуваат тироидни нарушувања, споредено со тие со најниски концентраци на PFOA. Вашата тироидна жлезда содржи протеин тироглобулин, кој го врзува јодот за да формира хормони, кои суштински влијаат врз секој орган, ткиво и клетка во вашето тело. Тироидните хормони се исто така потребни за раст и развој кај децата. Тироидните нарушувања, ако не се лекуваат, може да доведат до срцеви заболувања, неплодност, мускулна слабост и остеопороза.
  • Рак – PFOA се поврзува со тумори на најмалку четири различни органи кај испитувања на животни (црн дроб, панкреас, тестиси и млечни жлезди кај стаорци) и се поврува со зголемен процент на рак на простата кај работници со растенија изложени на PFOA.
  • Проблеми со имунолошкиот систем – Неколку истражувања од научници во Шведска укажуваат дека перфлуорираните хемикалии имаат негативен ефект врз вашиот имунолошки систем. Како што е опишано во еден извештај за перфлуорираните хемикалии од Енвајорментал Воркинг Груп (EWG-Environmental Working Group), работна група за заштита на животната средина, најдено е дека PFOA ги намалува сите имунолошки клеточни суппопулации испитувани во истражувањето, во тимусот и слезенката, и предизвикува имуносупресија.
  • Зголемени нивоа на ЛДЛ (LDL) холестерол – Истражување од 2010-тата година во „Аркајвс оф педиатрик енд адолесент медисин“ – архиви на педијатриска и адолесцентна медицина („Archives of Pediatric & Adolescent Medicine“) наоѓа дека деца и тинејџери со повисоки нивоа на PFOA имаат повисоки нивоа на вкупен холестерол и ЛДЛ или „лош“ холестерол, додека PFOS се поврзува со повисок вкупен холестерол , вклучувајќи го и ЛДЛ и ХДЛ (HDL) или „добар“ холестерол.

Силно ви препорачувам избегнување на какви било продукти за кои знаете дека ги содржат овие токсични компоненти, особено нелепливи садови за готвење, но исто така и храна што се продава во пакување што не дозволува истекување на масти, како брза храна и пуканки од микробранова печка. Јасно е дека ако јадете брза храна или нездрава храна, перфлуорираните хемикалии од обвивката (пакувањето) може да бидат ваш најмал проблем, но сепак мислам дека е важно да се сфати дека не само што не добивате соодветни хранливи материи од самата храна, туку обвивката (пакувањето) може исто така да додаде тежина и на токсичниот товар.

6. Неоргански компири и други свежи производи познати по висока контаминираност со пестициди

Ваш најдобар облог е да купувате само органско овошје и зеленчук бидејќи синтетичките земјоделски хемикалии не се дозволиви по правилата за органски производи. Тоа значи дека целото конвенционално одгледано овошје и зеленчук не е изложено на иста количина на пестициди.

Од 48-те различни категории на овошје и зеленчук тестирани од EWG за „Водич за купувачите за пестицидите во производството“ за 2013-та година, следните 15 имаат највисока содржина на пестициди, правејќи ги најважни да ги купите или одгледате органски: јаболка, краставици, нектарини, спанаќ, кељ, целер, грозје, праски, јагоди, раштан,  домати, лути пиперки, компири, слатки пиперки, летни тиквички.

Спротивно на тоа, следното овошје и зеленчук беше најдено дека содржи најмала резидуална (остаточна) содржина на пестициди, правејќи го најбезбедно помеѓу конвенционално одгледаното овошје и зеленчук. Забележете дека мала количина на пченка и најголемиот дел од хавајската папаја, иако имаат мала содржина на пестициди, се генетски модифицирани (ГМ). Ако не сте сигурни дали пченката или папајата е ГМ, би ви препорачал да се залагате за органски варијанти: аспарагус, диња, грејпфрут, печурки, ананас, авокадо, пченка, киви, кромид, сладок грашок (замрзнат), зелка, модар патлиџан, манго, папаја (не-ГМ), сладок компир.

 7. Кујнска сол

Солта е есенцијална за живот – не можете да живеете без сол. Сепак, обичната „кујнска сол“ и солта во преработената храна не е иста со солта што навистина му е потребна на вашето тело. Всушност, кујнската сол практично нема ништо заедничко со природната сол. Едната го оштетува здравјето, а другата го исцелува.

  • Преработената сол е 98 % натриум хлорид, а останатите 2 % се состојат од хемикалии направени од човекот, како апсорбери на влага и малку додаден јод. Тие се опасни хемикалии како фероцијанид и алуминиум силикат. Некои европски земји, каде не се практикува флуорирање на водата, исто така додаваат и флуор во кујнската сол.
  • Природната сол е околу 84 % натриум хлорид. Останатите 16 % од природната сол се состојат од други природно присутни минерали, вклучувајќи микроелементи како силициум, фосфор и ванадиум.

Со оглед на тоа што солта е апсолутно од суштинско значење за добро здравје, ви препорачувам да преминете на чиста, нерафинирана сол. Моја омилена е древната целосно природна морска сол од Хималаите. Хималајската сол е целосно чиста, има поминато илјадници години во созревање под екстремен тектонски притисок, далеку до нечистотии, па затоа не е загадена со тешки метали и индустриски токсини на денешницата. Исто така е рачно минирана, рачно миена и минимално преработена. Хималајската сол е само 85 % натриум хлорид, а останатите 15 % содржат микроелементи од нашите праисториски мориња. Нерафинираната природна сол е важна за многу биолошки процеси вклучувајќи:

  • Претставува главна компонента на вашата крвна плазма, лимфна течност, екстрацелуларна течност и дури и на амнионската течност
  • Носење хранливи материи во и надвор од вашите клетки
  • Одржување и регулирање на крвниот притисок
  • Зголемувањето на глијалните клетки во вашиот мозок, кои се одговорни за креативно размислување и долгорочно планирање
  • Му помага на вашиот мозок да комуницира со вашите мускули за да можете да се движите по наредба преку натриум-калиум јонска размена

Иако природната непреработена сол има многу здравствени придобивки, тоа не значи дека треба да ја користите без никаква грижа. Друг важен фактор е односот на калиум и натриум во вашата исхрана. Нерамнотежа во тој однос не само што може да доведе до хипертензија (висок крвен притисок), туку и до други здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви заболувања, намалување на меморијата и еректилна дисфункција. Најлесен начин да се избегне таа нерамнотежа е со избегнување на преработена храна, која што содржи ниски концентрации на калиум, а високи концентрации на натриум. Наместо тоа, вашата исхрана нека се сотои од цели, идеално органски одгледани производи за да обезбедите оптимална хранлива содржина. Тој начин на исхрана природно ќе ви обезбеди многу поголеми количества на калиум во однос на натриум.

8. Изолиран соин протеин и други производи од соја

За жал, повеќето од тоа во што бевте наведени да верувате за сојата од страна на медиумите е едноставно неточно. Еден од најлошите проблеми со сојата доаѓа од фактот што 90 – 95 % од сојата одгледана во САД е генетски модифицирана, а од таа соја се добива изолиран соин протеин. Генетски модифицираната соја е дизајнирана да биде „Раундап подготвена“ што значи дека е модифицирана да издржи инаку смртоносни дози на хербицид.

Активната состојка во „Раундап“ („Roundup“) хербицидот се вика глифосат, која е одговорна за прекин на деликатниот хормонален баланс на женскиот репродуктивен циклус. Уште повеќе, глифосатот е токсичен за плацентата, која е одговорна за обезбедување на витални хранливи материи од мајката за детето и отстранување на непотребните материи. Кога плацентата еднаш ќе се оштети или уништи, резултатот може да биде спонтан абортус. Кај тие деца родени од мајки изложени на мала количина на глифосат, може да се јават сериозни вродени дефекти.

Механизмот на оштетување на глифосатот беше скоро откриен и покажува како оваа хемикалија ја нарушува клеточната функција и предизвикува многу од нашите современи болести, вклучувајќи аутизам. Изолираниот соин протеин може  да се најде во протеински барсови, шејкови замена за оброк, флаширани овошни пијалоци, супи и сосови, месни аналози, пецива, житарици и некои додатоци во исхраната (суплементи).

Дури и ако не сте вегетаријанци и не користите соино млеко или тофу, важно е сериозно да ги читате етикетите. Има толку многу различни имиња за адитивите на сојата, така што може да носите дома производ базиран на генетски модифицирана соја без дури и да сте свесни за тоа. Експертот за соја д-р Кајла Даниел, нуди бесплатен специјален извештај „Каде е сојата“ на нејзината веб-страница. Содржи многу „псевдоними“ под кои сојата може да се крие во листата на состојки – зборови како „бујон“, „природна арома“ и „структуриран растителен протеин“.

Покрај изолираниот соин протеин, сите неферментирани производи од соја најдобро е да ги избегнувате ако се грижите за вашето здравје. Илјадници истражувања ја поврзуваат неферментираната соја со лоша исхрана, дигестивен дистрес, пад на имунолошкиот систем, нарушување на тироидната функција, когнитивен пад, репродуктивни нарушувања и неплодност – дури и рак и срцеви заболувања.

Единствената соја со здравствеи придобивки е органската соја што е правилно ферментирана и тоа се единствените производи од соја што ви препорачувам да ги консумирате. После долг процес на ферментација, концентрациите на фитична киселина и „анти-хранливи“ состојки во сојата се намалуваат, и нивните корисни својства стануваат достапни за вашиот дигестивен систем.  

9. Вештачки засладувачи

Спротивно на популарното верување, истражувањата наоѓаат дека вештачките засладувачи како аспартамот, може да го стимулираат вашиот апетит, да ја зголемат желбата за јаглехидрати и да стимулираат складирање на масти и зголемување на телесна тежина. Во едно од најновите такви истражувања, се наоѓа дека захаринот и аспартамот предизвикуваат поголемо зголемување на телесната тежина отколку шеќерот.

Аспартамот е еден од можеби најпроблематичните. Првенствено е направен од аспарагинска киселина и фенилаланин. Фенилаланинот по синтетички пат се изменува да носи метил група, што го обезбедува најголемиот дел од засладувачите. Таа фенилаланин-метил врска, наречена метил естер, е многу слаба, што ѝ дозволува на метил групата лесно да се одвои од фенилаланинот и да формира метанол.

Може сте слушнале дека аспартамот е безопасен бидејќи метанолот исто така се наоѓа и во овошјето и зеленчукот. Сепак, во овошјето и зеленчукот метанолот е цврсто врзан за пектинот, што му дозволува безбедно да помине низ вашиот дигестивен тракт. Но тоа не е случај со метанолот создаден од аспартамот; таму не е врзан за ништо што може да помогне да се елиминира од вашето тело.

Метанолот делува како Тројански коњ; се носи во подложни ткива во вашето тело, како вашиот мозок и вашата коскена срцевина, каде ензимот алкохолдехидрогеназа (ADH) го претвора во формалдехид, што ги уништува чувствителните протеини и ДНК. Сите животни, освен луѓето, имаат заштитен механизам што дозволува метанолот да се разложи на безопасна мравја кислеина. Затоа испитувањата врз животни се модел со недостатоци. Не се однесуваат целосно на луѓето.

Водич за здрава храна

Без оглед каква храна барате, органска или локално одгледана, од вашиот локален супермаркет или од пазарот на некој земјоделец, следните се знаци за храна со висок квалитет:

  • Одгледана е без пестициди и вештачки ѓубрива (во оваа категорија спаѓа органската храна, но исто така и некои конвенционално одгледани производи)
  • Не е генетски модифицирана
  • Не содржи никакви додадени хормони за раст, антибиотици или други лекови
  • Не содржи ништо вештачко, ниту конзерванси
  • Свежа е (ако треба да изберете помеѓу свенати органски производи или свеж обичен производ, втората опција сепак може да биде подобра бидеји свежината е важна за оптимална хранлива содржина)
  • Не е одгледана во фабрика
  • Одгледана е по законите на природата на ум (што значи дека животните се хранети со нивната природна храна, не мешавина од житни растенија и животински нуспроизводи, и имаат слободен пристап до отворено)
  • Одгледана е на одржлив начин (користејќи минимални количини на вода, заштитувајќи ја почвата од ицрпување и претворајќи го животинскиот отпад во природно ѓубриво наместо во загадувачи на животната средина)
д-р Меркола, експерт за природно здравје

Извори:

Fei, C., McLaughlin, J. K., Lipworth, L., & Olsen, J. (2009). Maternal levels of perfluorinated chemicals and subfecundity. Human reproduction (Oxford, England), 24(5), 1200–1205. https://doi.org/10.1093/humrep/den490

Feijó, F. M., Ballard, C. R., Foletto, K. C., Batista, B., Neves, A. M., Ribeiro, M., & Bertoluci, M. C. (2013). Saccharin and aspartame, compared with sucrose, induce greater weight gain in adult Wistar rats, at similar total caloric intake levels. Appetite, 60(1), 203–207. https://doi.org/10.1016/j.appet.2012.10.009

Frisbee, S. J., Shankar, A., Knox, S. S., Steenland, K., Savitz, D. A., Fletcher, T., & Ducatman, A. M. (2010). Perfluorooctanoic acid, perfluorooctanesulfonate, and serum lipids in children and adolescents: results from the C8 Health Project. Archives of pediatrics & adolescent medicine, 164(9), 860–869. https://doi.org/10.1001/archpediatrics.2010.163

Melzer, D., Rice, N., Depledge, M. H., Henley, W. E., & Galloway, T. S. (2010). Association between serum perfluorooctanoic acid (PFOA) and thyroid disease in the U.S. National Health and Nutrition Examination Survey. Environmental health perspectives, 118(5), 686–692. https://doi.org/10.1289/ehp.0901584

World Cancer Research Fund/American Institute for Cancer Research. (2018). Diet, Nutrition, Physical Activity and Cancer: a Global Perspective. Continuous Update Project Expert Report 2018. Accessed at dietandcancerreport.org