Канабисот како лек

Растение

Канабисот е цветно растение што може да се користи за многу цели: семето од канабисот може да се користи како храна; неговите стебленца може да се користат за добивање на хартија, облека, јажиња и како градежен материјал; а неговите листови, цветови и корени може да се користат за медицински цели.

Женските растенија ги даваат цветовите, или пупки, што луѓето најчесто ги користат за консумирање. Терминот „кола“ се однесува на делот каде цветаат женските цветови, делот каде се формираат пупките. Коли се формираат насекаде по растението, но најголемите, најцврстите коли имаат тенденција да се формираат на врвот на
растението со главната кола, некогаш наречена апикална пупка, што се формира на самиот врв на растението.

На цветовите, или пупките, ќе забележите нешто наизглед на мали проѕирни или бели кристали. Тие се наречени трихоми. Првобитно развивајќи се за да го заштитат растението од предатори и елементите, овие многу мали јасни жлезди со печуркаста форма лачат масла со јак мирис наречени терпени, како и терапевтски канабиноиди како ТХЦ (THC) и ЦБД (CBD).

Канабисот како лек

Документи кои датираат уште од 2900-тата г.п.н.е. ни кажуваат дека канабисот живеел покрај луѓето илјадници години и исто толку долго се одгледувал за медицински цели. Влијанието на канабисот врз човечкото тело во голем дел се должи на т.н. канабиноиди. Канабиноидите се хемиски соединенија што се излачуваат од трихомите на растението и нудат широк спектар на терапевтски придобивки. Двата најдобро познати канабиноиди се ТХЦ и ЦБД. Канабиноидите се врзуваат за рецептори во мозокот и телото – тој систем на рецептори се нарекува ендоканабиноиден систем.

Науката за канабиноидите како лек е многу развиена; толку многу што некои канабиноиди всушност се синтетизирани (вештачки направени) и одобрени од ФДА (FDA – Food and Drug Administration) за третман на болести како мултипла склероза (Сативекс (Sativex), Маринол (Marinol) и други).

Двата спомнати канабиноиди, ТХЦ и ЦБД, покажано е дека им помагаат на пациентите кои страдаат од болка, гадење, нарушувања поврзани со стресот и спиењето, како и ослободување од стрес, анксиозност, воспаление и епилепсија. Канабисот содржи најмалку 85 различни канабиноиди и секој ден се повеќе истражувања се достапни објаснувајќи во детали како може да се користат канабиноидите во третман на широк спектар на болести. Сепак, неодамнешни истражувања исто покажуваат дека постои можна поврзаност помеѓу рана употреба на канабис и негативно влијание врз развојот на мозокот. Без сомнение, соодветно е и потребно е дополнително истражување за влијанието на канабисот врз човечкото тело.

Едно од најдобрите нешта што треба да се разбере за канабисот како современ лек е дека веќе не морате да пушите канабис или да консумирате храна или течност што содржи непозната или случајна количина на активна состојка.

Како и класичната современа медицина, и канабисот може прецизно да биде дозиран. Неодамнешни подобрувања на техниките на добивање водат до можност да се произведуваат пилули, капсули, таблетки и други форми што содржат точна количина на активна состојка, т.е. 5 mg ТХЦ и 10 mg ЦБД – ова е значајно постигнување во употребата на канабисот за медицински цели.

Што е вид на канабис?

Вид е генетска варијанта на канабисот. Повеќето видови на канабис може да се класифицираат како сатива (Cannabis Sativa) или индика (Cannabis Indica) – две варијанти на истите основни видови на канабис. Овие два вида имаат многу различни ефекти врз тој што ги консумира, како што е понатаму детално објаснето.

Денес редовно го гледаме влијанието на генетиката и хибридите што ги комбинираат заедно индика и сатива видовите.

Со текот на годините, безброј хибридни видови се создадени со генетски програми за вкрстено оплодување за да се развијат растенија што ќе ги имаат најдобрите особини од двата вида – само треба да отидете до регистриран диспензер за да го видите асортиманот на видови што е создаден во изминатите неколку децении со мноштво различни канабиноидни профили.

Canabis Indica наспроти Canabis Sativa

Форма и структура – Индика растенијата се кратки и дебели, додека сатива видовите се високи и тенки. Листовите на индика растенијата се широки и дебели, додека сатива видовите имаат потенки листови со шпицест врв. Треба да се напомeне дека не секогаш е лесно да се разликуваат различните видови само врз основа на нивниот изглед. Варијациите во формата примарно се должат на различните географски региони од каде потекнуваат – индика видовите од планинските региони на Азија и Блискиот Исток и сатива видовите од поекваторијаните региони низ целиот свет.

Ефикасност – Ефикасноста, ефектот или дејството на индика и сатива видовите може да биде многу различно. Чист сатива вид најверојатно ќе има помоќен енергизирачки ефект. Сатива видовите може да промовираат концентрација и продуктивност – што ги прави подобри за дневна употреба. Сепак, силните сатива видови може да предизвикаат немир кај личноста, чувство на аксиозност и параноја.

Индика видовите вообичаено промовираат релаксација и општо смирување. Често се смета дека индика видовите се многу корисни за намалување на болка, анксиозност и нарушувања на спиењето.

Силните индика видови може не се најдобра опција за утринска употреба и доколку сакате да останете продуктивни. Слично на тоа, не е препорачливо консумирање на сатива видовите во вечерните часови.

Овие очекувања понекогаш премногу се генерализираат. Двата типови на соединенија во канабисот – канабиноидите и терпените – се одговорни во најголем дел за дејството на канабисот. На тој начин, видовите канабис се збир од помали делови што генетски се пренесуваат од растение на растение.

Како што е споменато погоре, хибридите се само мешавина од сатива и индика видови, обезбедувајќи ги и добрите и слабите страни на секој вид. Хибридните видови што се повеќе индика отколку сатива се наречени индика доминантни. Слично на тоа, сатива доминантните видови претежно имаат особини на сатива, но во еден дел се ублажени со влијанието на индика видовите.

Начини на консумирање

Во денешно време постои широк спектар на начини на консумирање. Обично канабисот се пуши во инструмент во вид на луле или завиткан во хартија како цигара (џоинт). Орална ингестија (голтање на храна со канабис) исто се среќава како традиционален начин на консумирање во многу култури.

Неодамна, со подобрувања во технологијата на екстракција, развиена е нова форма на концентрирана смола, како и концентирани форми на масло од канабис што може да се консумираат преку уста, форми на канабис измешани со лосиони и нанесени на кожа или форми што испаруваат и се вдишуваат – пушењето на цветот веќе не е единствениот метод; можете да земете и пилула што содржи многу прецизна и доследна доза на лек, пилула со 5 mg ТХЦ и 5 mg ЦБД.

Следува краток преглед на најчестите форми на консумирање и соодветните форми на канабис за истите:

  • Инхалација (вдишување) – пушење или испарување и вдишување преку белите дробови (џоинт, луле и испарувачи).
  • Голтање – канабиноидите и терпените се екстрахираат од цветот како масло и потоа се голтаат како такви, во комбинација со друг медиум како храна или обработени во пилули, капсули и други медицински форми што вообичаено се користат, кои може да обезбедат искуство на многу прецизно и контролирано дозирање (печени производи што може да се јадат, пилули, капсули и тинктури).
  • Орална апсорпција (апсорпција преку уста) – екстрахираното масло се комбинира со друг медиум. Крајниот производ се држи во уста додека не се раствори под јазикот, на јазикот или од внатрешната страна на образот (бонбони, пастили и ленти за свеж здив).
  • Топикално – екстрахираното масло се комбинира со производ што се нанесува на кожата (лосион, масти и трансдермални фластери).

Колку време е потребно да се забележи ефектот од форма на канабис што може да се јаде?

Најважното нешто што треба да се запомне е дека секоја личност е различна – започнете со мали количини и бавно. Метаболизмот на личноста игра голема улога во количеството на време што е потребно за форма на канабис што се јаде да го даде ефектот. Обично може да бидат потребни 20 минути до 2 часа или подолго.

Дејството го достигнува својот врв по 4 часа по јадењето или пиењето на канабисот, па затоа најдобро е барем толку да се почека пред да се консумира повеќе. Во најголем број случаи, за доза се смета 5-10 mg – што може да биде вистинската доза за некого, а премногу или недоволно за друг. Имајте трпение и научете што е соодветно за вас и секогаш обрнувајте внимание на етикетата за дозирање и препорачаната доза.

Дали може прекумерно да се консумира канабис?

Како и секој прозивод што има физиолошко дејство во човечкото тело, може да претерате. Како што може да внесете премногу кофеин или премногу алкохол, слично може да внесете и премногу канабис.

Прекумерното консумирање канабис може да доведе до неколку непријатни часа. Сепак, за разлика од другите лекови што најчесто се препишуваат за третман на болка и други состојби одобрени за оваа програма, многу е неверојатно дека здрава личност би доживеала смртоносна реакција од прекумерно консумирање на канабис. Тоа е така главно бидејќи канабиноидните рецептори, за разлика од опиоидните рецептори, не се наоѓаат во матичните области на мозокот што го контролираат дишењето и работата на срцето.

Во речиси 5 000 години како се консумира канабисот од десетици милиони луѓе, и за медицински и за рекреативни цели, не постои ниеден кредибилен документиран случај на смртоносно предозирање со канабис.

Постои тест познат како ЛД-50 (LD-50) што се користи за да се утврди токсичноста на одреден производ. Вредностите од тоа рангирање покажуваат при која доза 50 % од тестираните животни што го примаат лекот ќе умрат како резултат на токсичност предизвикана од лекот. ЛД-50 вредноста за аспирин е 1:20. Лаички кажано, тоа значи дека препорачаната доза на аспирин е две пилули, а со цел да се предизвика смрт, личноста би требало да консумира 40 пилули (20 пати повеќе од препорачаната доза). За валиум е 1:10, а за некои лекови за рак може да биде многу мала како 1:1,5.

Проценето е дека ЛД-50 вредноста за канабисот се движи меѓу 1:20 000 до 1:40 000; што значи дека личноста би требало да голтне 20 000 до 40 000 пати повеќе од единечната доза за да се предизвика смртоносна реакција.

За ова истражување, измерената единечна доза на канабис е 9 gr (количина присутна во една цигара од канабис или џоинт) – личноста би требало да внесе 20 000 до 40 000 џоинти или грубо 680 kg канабис за време од 15 минути за да се предизвика смртоносна реакција. Едноставно кажано, потребно е да се консумира нереална количина на канабис за здрава личност да доживее смртоносно дејство предизвикано од кнабисот.

Извори:

www.crescolabs.com