Социопат

Што е социопат?

Социопат е термин што се користи за да се опише некој што има асоцијално растројство на личноста (antisocial personality disorder – ASPD – АСПД). Луѓето со АСПД не можат да ги разберат чувствата на другите. Тие честопати ги кршат правилата или донесуваат импулсивни одлуки без да се чувствуваат виновни за штетата што ја предизвикуваат.

Луѓето со АСПД исто така може да користат „умствени игри“ за да контролираат пријатели, членови на семејството, соработници, па дури и луѓе што не ги познаваат. Тие исто така може да се доживеат како харизматични или шармантни.

Како се дијагностицира некој како социопат?

АСПД е дел од категоријата нарушувања на личноста кои се карактеризираат со постојано негативно однесување.

Во новото издание на „Дијагностички и статистички прирачник за ментални нарушувања“ („Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders“, DSM-5, ДСМ-5) се вели дека некој со АСПД постојано покажува недостаток на внимание за чувствата на другите или за кршењето на правата на луѓето. Луѓето со АСПД можеби не сфаќаат дека имаат такво однесување. Тие можат да го живеат целиот свој живот без никаква дијагноза.

За некој да се дијагностицира со АСПД, мора да биде постар од 18 години. Неговото однесување мора да покаже шема од најмалку три од следните седум особини:

  • не ги почитува социјалните норми или закони; конзистентно крши закони или ги надминува социјалните граници
  • лаже, ги лаже другите, користи лажни идентитети или прекари и ги користи другите за лична корист
  • не прави долгорочни планови; исто така често се однесува без да размислува за последиците
  • покажува агресивно или влошено однесување; постојано се тепа или физички ги повредува другите
  • не ја зема во предвид неговата сопствена безбедност или безбедноста на другите
  • не следи лични или професионални одговорности; тоа може да вклучува постојано доцнење на работа или неплаќање на сметки навреме
  • не чувствува вина или каење што повредил или малтретирал други

Другите можни симптоми на АСПД вклучуваат:

  • да биде „ладен“ со непокажување емоции или неинвестирање во животот на другите
  • да користи хумор, интелигенција или харизма за да манипулира со другите
  • чувство на супериорност и силен, непоколеблив став
  • не учи од грешките
  • не може да одржува позитивни пријателства и односи
  • се обидува да ги контролира другите со заплашување или заканување
  • навлегува во чести правни проблеми или вршење на кривични дела
  • презема ризици на своја сметка или на сметка на другите
  • се заканува со самоубиство без никогаш да постапи по таквите закани
  • станува зависник од дрога, алкохол или други супстанции

Другите начини за дијагностицирање на АСПД вклучуваат:

  • оценување на чувствата, мислите, моделите на однесување и личните односи на личноста
  • разговор со луѓе блиски со личноста за нејзиното однесување
  • проценка на медицинската историја на личноста за други состојби

АСПД може да се дијагностицира и на возраст од 15 години ако некој покаже симптоми на нарушување во однесувањето. Тие симптоми вклучуваат:

  • кршење на правилата без да се земат во предвид последиците
  • непотребно уништување на работи што ѝ припаѓаат на самата личност или на другите
  • крадење
  • лажење или постојано мамење на другите
  • агресивност кон другите или кон животни

Која е разликата помеѓу социопат и психопат?

Нема клиничка разлика помеѓу социопат и психопат. И двата термини се однесуваат на лице со АСПД. Тие често се користат наизменично.

Некои се обидуваат да ги разликуваат двата термини според тежината на симптомите. Социопат може да биде некој што прави само мали престапи што не предизвикуваат сериозна штета или вознемиреност. Но психопатот може да се опише како некој што е физички насилен или ги става другите во опасност. Меѓутоа, кога ќе се разгледаат дијагностичките критериуми по ДСМ-5, сите тие симптоми може да се најдат во категоријата АСПД.

Покажувањето на често себично однесување само по себе не е доволно за да се дијагностицира некој како социопат. АСПД дијагноза се дава само кога симптомите се случуваат во текот на подолг временски период и не се менуваат поради казни или промени во животниот стил. Некој кој е себичен може да покаже такво однесување накратко, но да се чувствува лошо за нив или да го промени своето однесување со тек на време или поради казна.

Дали на социопат му е потребен третман?

Општо, луѓето со нарушувања на личноста како АСПД не мислат дека имаат проблем. Разговарајте со вашиот лекар ако мислите дека имате АСПД. Вашиот лекар може да ве упати на лекар за ментално здравје, за дијагноза и третман.

АСПД често бара долготраен третман и следење. Третманот може да не биде успешен доколку лицето не е подготвено да побара третман или не е подготвено да соработува во текот на одреден третман.

Можните третмани за АСПД вклучуваат:

Психотерапија

Психотерапијата се состои од разговор со терапевт или советник за мисли и чувства што можат да го подобрат однесувањето на личноста со АСПД. Исто така може да биде вклучена и терапија за справување со лутина, насилно однесување и зависност од дрога или алкохол.

Когнитивна бихејвиорална терапија (КБТ)

КБТ ви помага да размислите повнимателно за вашите постапки и реакции на луѓе и ситуации. КБТ нема да излечи АСПД, но може да помогне во развој на позитивно, помалку штетно однесување. КБТ исто така може да ви помогне да прифатите дека имате нарушување и да ве охрабри да бидете проактивни во решавањето на вашето однесување.

Лекови

Нема конкретни лекови за третман на АСПД. Може да добиете лекови за придружни ментални нарушувања, како вознемиреност, депресија и агресивно однесување. Лекот Клозапин – Clozapine (Клозарил – Clozaril) покажа некои резултати за третман на мажи со АСПД.

Како да се справите со некој што е социопат?

Ако во вашиот живот ве повредува некој со АСПД, отстранувањето на тоа лице од вашиот живот може да биде најздравиот начин да се справите со неговото однесување.

Во многу случаи, може да не е пријатно да оставите член на семејството, близок пријател или сопруг со АСПД. Советување за брак или терапија за парови може да ви помогне да развиете позитивна врска со некој што има АСПД.

Може да помогне во одржувањето на врска со некој што има АСПД доколку:

  • сфатите дека можеби нема да може целосно да ги разбее вашите емоции
  • му објаснете на лицето како неговото однесување влијае врз другите и ги повредува
  • му укажете јасно на вашите граници
  • му понудите специфични последици за штетното однесување

Кои се очекувањата од некој со АСПД?

АСПД не може да се излечи. Но може да се третира со терапија што се фокусира на ограничување на деструктивното однесување со негово заменување со конструктивно однесување.

Доколку имате АСПД, запомнете дека сè уште можете да имате стабилни и добри односи со другите. Прифаќањето дека имате АСПД и признавањето на последиците од вашите постапки може да ви помогне да се справите со однесувањето и да ги одржувате вашите односи.

Напишано од Тим Џувл, медицински прегледано од д-р Тимоти Ј. Лег

Последен пат медицински прегледано на 11.01.2018

Извори:

American Psychiatric Association. (2013). Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders (5th edition). Arlington: VA American Psychiatric Publishing.

Brown, D., Larkin, F., Sengupta, S., Romero-Ureclay, J. L., Ross, C. C., Gupta, N., Vinestock, M., & Das, M. (2014). Clozapine: an effective treatment for seriously violent and psychopathic men with antisocial personality disorder in a UK high-security hospital. CNS spectrums, 19(5), 391–402.

Matusiewicz, A. K., Hopwood, C. J., Banducci, A. N., & Lejuez, C. W. (2010). The effectiveness of cognitive behavioral therapy for personality disorders. The Psychiatric clinics of North America, 33(3), 657–685.

Mayo Clinic. (2019). Antisocial personality disorder. https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/antisocial-personality-disorder/symptoms-causes/syc-20353928

NHS. (2019). How it works – Cognitive behavioural therapy (CBT). https://www.nhs.uk/mental-health/talking-therapies-medicine-treatments/talking-therapies-and-counselling/cognitive-behavioural-therapy-cbt/how-it-works/

Psychology Today. (2019). Antisocial personality disorder. https://www.psychologytoday.com/intl/conditions/antisocial-personality-disorder