Што е БПА и зошто е лоша за вас?
БПА е индустриска хемикалија што може да се најде во храната на луѓето. Некои експерти тврдат дека е токсична и дека луѓето треба да се трудат да ја избегнуваат. Но дали БПА е навистина лоша и дали треба да ја избегнувате по секоја цена? Ова е детален преглед на БПА и нејзините ефекти врз здравјето.
Што е БПА?
БПА (бисфенол-А, BPA) е хемикалија што се додава на многу комерцијални производи, вклучувајќи садови за храна и хигиенски производи. За прв пат беше откриена во 1890-тите години, а хемичарите сфатија дека може да се меша со други соединенија за производство на силна и издржлива поликарбонатна пластика. Овие денови, пластика што содржи БПА се користи за изработка на садови за храна, шишиња за бебиња и други производи. БПА исто така се користи и за правење епоксидни смоли, кои се ставаат на внатрешната обвивка на конзервите за конзервирана храна за да не дојде до кородирање и кршење на металот.
БПА е синтетичко соединение што може да се најде во многу видови на пластика, како и во внатрешната обвивка на конзервите за конзервирана храна.
Кои производи содржат најмногу БПА?
Производи кои често се среќаваат, а може да содржат БПА се:
- Производи спакувани во пластични садови
- Конзервирана храна
- Производи за нега на телото
- Женски хигиенски производи
- Потврди (сметки) од термален печатач
- ЦД-а и ДВД-а
- Електрични апарати за домаќинство
- Стакла за очила
- Спортска опрема
- Стоматолошки залевачи
Вреди да се напомене дека многу произведувачи сè уште не преминале на производи кои не содржат БПА, кај кои БПА се заменува со бисфенол-С (БПС, BPS) или бисфенол-Ф (БПФ, BPF). Сепак, неодамнешни истражувања покажуваат дека дури и мали концентрации на БПС и БПФ може да ја нарушат функцијата на вашите клетки на сличен начин како БПА. Па така шишињата кои не содржат БПА може и не се вистинско решение.
Пластичните производи обележани со броеви за рециклирање 3 или 7, или буквите „ПЦ“ („PC“) најверојатно содржат БПА, БПС или БПФ.
БПА и нејзините алтернативи – БПС и БПФ – може да се најдат во многу производи кои често се користат и кои често се обележани со кодовите за рециклирање 3 или 7, или буквите „ПЦ“.
Како БПА се внесува во телото?
Главниот извор на изложеност на БПА е преку вашата исхрана. Тоа е затоа што кога се прават садовите со БПА, не целата БПА е запечатена во производот. Тоа дозволува дел да се ослободи и да се измеша со содржината на садот кога внатре ќе се стави храна или течност.
На пример, едно скоро истражување наоѓа дека нивото на БПА во урината се намалува за 66 % во следните три дена после избегнување на спакувана храна. Друго истражување опфаќа учесници кои јаделе една порција свежа или конзервирана супа дневно во период од пет дена. Нивото на БПА во урината било 1 221 % повисоко кај тие кои консумирале конзервирана супа. Покрај тоа, Светската здравствена организација (СЗО) објави дека нивото на БПА кај доени бебиња е до 8 пати пониско од истото кај бебиња хранети со течна формула од шишиња кои содржат БПА.
Исхраната е далеку најголемиот извор на БПА за луѓето, особено спакуваната и конзервираната храна. Бебиња хранети со формула од шишиња кои содржат БПА исто така имаат и високо ниво на БПА во нивната тела.
Дали БПА е лоша за вас?
Многу експерти тврдат дека БПА е штетна, но други не се согласуваат со тоа. Овој дел објаснува што прави БПА во телото и зошто нејзините здравствени ефекти остануваат контроверзни.
Биолошките механизми на БПА
Се кажува дека БПА ја имитира структурата и функцијата на хормонот естроген. Поради својот естрогеноиден облик, БПА може да се врзе за рецепторите за естроген и да влијае врз телесните процеси, како раст, клеточна репарација, развој на фетусот, ниво на енергија и репродукција.
Покрај тоа, БПА може да има способност да стапи во интеракција со други хормонски рецептори, како рецепторите за тироидните хормони, а со тоа да ја промени и нивната функција.
Вашето тело е осетливо на промени во нивото на хормоните, што е причина зошто способноста на БПА да го имитира естрогенот се верува дека влијае врз вашето здравје.
Контроверзноста на БПА
Со оглед на информациите наведени погоре, многу луѓе се прашуваат дали БПА треба да биде забранета. Нејзината употреба веќе е ограничена во ЕУ, Канада, Кина и Малезија, особено во производите за бебиња и мали деца. Некои држави од САД го следат примерот, но не се воспоставени никакви федерални прописи.
Во 2014-тата година, ФДА (FDA, The United States Food and Drug Administration) го објави својот најнов извештај, кој го потврди ограничувањето на дневната доза на изложеност од 50 mcg/kg од 1980-тите години и заклучи дека БПА е најверојатно безбедна во моментално дозволеното ниво.
Сепак, едно истражување на глодари покажува негативни ефекти од БПА на многу пониски нивоа, како 10 mcg/kg. Исто така едно истражување на мајмуни покажува дека исти нивоа како тие што моментално се измерени кај луѓето имаат негативни ефекти врз репродукцијата.
Еден преглед од 2006-тата година може да помогне да се објаснат разликите. Открива дека сите истражувања финансирани од индустријата не наоѓаат ефекти од изложеноста на БПА, додека 92 % од истражувањата кои не се финансирани од индустријата наоѓаат значајни негативни ефекти.
БПА има слична структура како хормонот естроген. Може да се врзе за рецепторите за естрогенот и да влијае на функцијата на телото.
БПА може да предизвика неплодност кај мажите и жените
БПА може да влијае на повеќе аспекти на плодноста. Едно истражување забележува дека жените со чести спонтани абортуси имале околу 3 пати повеќе БПА во нивниот крвоток за разлика од жените со успешна бременост. Други истражувања на жени подложени на третмани за плодност покажуваат дека тие со повисоки нивоа на БПА имаат пропорционално создавање на помал број на јајце клетки и може да бидат со два пати помала веројатност да забременат. Помеѓу паровите со ин витро оплодување, мажите со најголеми нивоа на БПА се со 30-46 % поголема веројатност да создадат ембриони поподложни на оштетувања. Друго посебно истражување наоѓа дека мажите со повисоки нивоа на БПА се со 3-4 пати поголема веројатност да имаат ниска концентрација на сперма и мал број на сперматозоиди.
Покрај тоа, кај мажите кои работат во Кина во компании кои произведуваат БПА забележана е 4,5 пати поголема еректилна потешкотија и помало целокупно задоволство од сексуалниот живот отколку кај другите мажи.
Сепак, иако погоре наведените ефекти се забележливи, неколку неодамнешни прегледи се согласуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се зајакнат доказите.
Неколку истражувања покажуваат дека БПА може негативно да влијае на повеќе аспекти од плодноста и кај мажите и жените.
Негативни ефекти од БПА кај бебињата
Повеќето истражувања – но не сите – забележуваат дека децата родени од мајки изложени на БПА на работа тежат до 0,2 kg помалку при раѓање отколку децата од мајки кои не биле изложени. Децата родени од родители кои биле изложени на БПА исто така покажуваат тенденција кон помало аногенитално растојание, што понатаму насочува на хормонални ефекти на БПА за време на развојот. Покрај тоа, децата родени од мајки со повисоки нивоа на БПА се похиперактивни, понервозни и подепресивни. Тие исто така покажуваат 1,5 пати поголема емоционална реактивност и 1,1 пати поголема агресивност.
И на крај, изложеноста на БПА во текот на почетокот на животот исто така се смета дека влијае и врз развојот на ткивата на простатата и дојките на начин што го зголемува ризикот од рак.
Сепак, иако има и повеќе од доволно истражувања на животни што го поддржуваат тоа, истражувањата на луѓе не се многу убедливи.
Изложеноста на БПА во текот на почетокот на животот може да влијае врз телесната тежина при раѓање, хормоналниот развој, однесувањето и ризикот од рак во подоцнежниот живот.
Изложеноста на БПА се поврзува со срцеви заболувања и дијабетес тип 2
Истражувања на луѓе ја испитуваат врската помеѓу нивото на БПА и крвниот притисок. Тие забележуваат 27-135 % поголем ризик од висок крвен притисок кај луѓе со високи нивоа на БПА.
Додека пак едно истражување на 1 455 Американци ги поврзува високите нивоа на БПА со 18-63 % поголем ризик од срцеви заболувања и 21-60 % поголем ризик од дијабетес. Во едно подоцнежно истражување , повисоките нивоа на БПА се поврзуваат со 68-130 % поголем ризик од развој на дијабетес тип 2.
А учесниците со највисоки нивоа на БПА се со 37 % поголема веројатност да имаат отпорност на инсулин, или инсулин резистентност, клучен двигател на метаболен синдром и дијабетес тип 2.
Сепак, некои истражувања не наоѓаат поврзаност помеѓу БПА и тие заболувања.
Повисоките нивоа на БПА се чини дека се поврзани со зголемен ризик од дијабетес тип 2, висок крвен притисок и срцеви заболувања.
БПА може да го зголеми вашиот ризик од дебелина
Забележано е дека жените со прекумерна телесна тежина имаат 47 % повисоки нивоа на БПА од жените со нормална телесна тежина. Неколку истражувања исто така покажуваат дека учесниците со највисоки нивоа на БПА имаат 50-85 % поголема веројатност да имаат прекумерна телесна тежина и 59 % поголема веројатност да имаат поголем обем на половината. Но не сите истражувања ги потврдуваат тие наоди. Интересно е тоа што слични шеми се забележани и кај децата и кај возрасните. Сепак, иако пренаталната изложеност на БПА се поврзува со зголемена телесна тежина кај животните, тоа сè уште не е цврсто потврдено кај луѓето.
Изложеноста на БПА е поврзана со зголемен ризик од прекумерна телесна тежина и зголемување на обемот на половината. Сепак, потребни се повеќе истражувања.
БПА може да предизвика и други здравствени проблеми
Изложеноста на БПА исто така може да биде поврзана и со следните здравствени нарушувања:
- Синдром на полицистични јајници (ПЦОС) (PCOS)
Забележано е дека нивото на БПА е 46 % повисоко кај жени со PCOS споредено со здрави жени. - Предвремено породување
Жените со повисоко ниво на БПА за време на бременоста имаат 91 % поголема веројатност за предвремено породување пред 37-мата недела. - Астма
Висока пренатална изложеност на БПА, особено во 16-тата недела, се поврзува со 130 % зголемен ризик од отежнато дишење кај доенчиња под 6 месеци. Изложеност на БПА во рано детство исто така се поврзува и со отежнато дишење во подоцнежно детство. - Нарушување на функцијата на црниот дроб
Високи нивоа на БПА се поврзуваат со 29 % поголем ризик од абнормални нивоа на ензими на црниот дроб. - Нарушување на функцијата на имунолошкиот систем
Нивото на БПА може да се поврзе со влошување на функцијата на имунолошкиот систем. - Нарушување на фукцијата на тироидната жлезда
Повисоки нивоа на БПА се поврзуваат со абнормални нивоа на тироидни хормони, што укажува на нарушена функција на тироидната жлезда. - Нарушување на мозочната функција
Кај африкански зелени мајмуни изложени на нивоа на БПА кои се сметаат за безбедни од ЕПА, се покажува загуба на врските помеѓу мозочните клетки.
Изложеноста на БПА исто така се поврзува и со неколку други здравствени проблеми. Потребни се повеќе истражувања за да се потврдат тие наоди.
Како да ја минимизирате вашата изложеност на БПА
Со оглед на наведените негативни ефекти во толку многу истражувања, најверојатно би сакале да се обидете да ја избегнувате БПА. Иако целосно избегнување може да биде невозможно, постојат некои начини на кои можете да се ослободите од поголемиот дел.
Следуваат неколку ефикасни начини како да ја минимизирате вашата изложеност на БПА:
- Избегнувајте спакувана храна
Јадете претежно свежи природни производи. Држете се понастрана од конзервирана храна и производи спакувани во пластични садови означени со броеви за рециклирање 3 или 7, како и буквите „ПЦ“ („PC“). - Пијте од стаклени шишиња
Купувајте течности кои доаѓаат спакувани во стаклени шишиња наместо пластични шишиња или во лименки и користете стаклени шишиња за бебиња наместо пластични. - Држете се на страна од БПА производи
Колку што е можно, ограничете го вашиот контакт со сметки. - Бидете селективни со играчките
Бидете сигурни дека пластичните играчки што ги купувате за вашето дете се направени од материјал што не содржи БПА, особено тие играчки кои најверојатно децата ќе ги џвакаат или цицаат. - Не ставајте пластични садови во микробранова печка
Храната чувајте ја и подготвувајте ја во микробранова печка во стаклени садови наместо пластични. - Купувајте формула за доенчиња во прав
Некои луѓе препорачуваат прав наместо течност од садови што содржат БПА бидејќи за течноста е поверојатно дека ќе ја апсорбира БПА од садот.
Постојат неколку едноставни начини како значително да ја намалите вашата изложеност на БПА од исхраната и животната средина.
Дали треба да се грижите за БПА?
Во прилог на доказите, најверојатно е добра идеја за вас да преземете некои чекори за да ја ограничите вашата изложеност на БПА.
Особено бремените жени може да имаат голема корист доколку направат обид да ја избегнуваат БПА колку што е можно, особено во раните фази од бременоста. Додека за другите, повремено пиење од „ПЦ“ пластично шише или повремено јадење од конзерва веројатно не е причина за паника.
Заменувањето на пластичните садови со садови што не содржат БПА бара многу малку труд за потенцијално големо влијание. А кога се работи за исхраната, свежите природни производи поврзани со оптимално здравје, ретко доаѓаат спакувани во садови што содржат БПА.
Алина Петре, регистриран диететичар со специјалност спортска исхрана |
Извори: