За што се добри боровинките?

Ботаничко име: Vaccinium corybosum

Боровинките се карактеристични на многу начини. Не само што се единствената сина храна, туку исто така има и повеќе видови со потекло од Северна Америка, за разлика од другите континенти. Ги има во изобилство во Северна Америка од дамнешни времиња и биле главна храна во исхраната на Индијанците. Кога пристигнале првите доселеници, им било покажано како да ги собираат боровинките, како да ги сушат на сонце, како да ги складираат за зимата и како да го продолжат нивниот раст.

Боровинките што се одгледуваат се обично благи и слатки, додека дивите видови се покисели. Сепак, сите видови заслужуваат сини панделки за хранливите придобивки што ги нудат.

Најдобар начин да се замрзнат боровинките е прво да се распоредат на плех за колачи, неизмиени и во еден слој, да се замрзнат, а потоа да се стават во кеса за во замрзнувач. Тоа ќе спречи да не залепат меѓу себе и ќе ја апсорбира несаканата влажност. Сепак, боровинките губат дел од својата хранлива вредност и вкус кога се замрзнуваат. Замрзнати боровинки можете да користите за рецепти со термички обработени боровинки.

Без разлика дали се свежи или замрзнати, бледиот слој во вид на прав на површината на боровинките треба да остане на нив се до моментот пред да ги јадете.

Здравствени придобивки од боровинките

Во основа, витамините К и Ц се најистакнати витамини во боровинките, а манганот е најистакнат минерал.

Останатиот дел од листата на хранливи материи во боровинките е добро избалансиран помеѓу витаминот Е, тиаминот, рибофлавинот, витаминот Б6 и бакарот. Но можеби фитонутритиентите се тие што ги обезбедуваат најважните здравствени придобивки.

Антоцијанините, што им ја даваат на боровинките нивната жива боја, исто така се познати и по нивната способност да ги неутрализираат слободните радикали.

Другите присутни состојки вклучуваат хидроксициметни киселини (како кофеинска, ферулна и кумарна киселина), хидроксибензоеви киселини (галска и протокатехуична киселина) и флавоноиди (како кемпферол, кверцетин и мирицетин), како и птеростилбен и ресвератрол. Секој е посебен, а сам по себе и во комбинација со други соединенија, има антиоксидантни и антивоспалителни својства – дури заштитувајќи ја и ретината на окото, на пример – што ги прави боровинките многу здрава храна.

Негативниот ефект што го имаат боровинките врз канцерозните клетки е уште една тема што ги прави боровинките едни од најдобрите производи на светот, особено во борбата против рак на дојка, рак на дебело црево, рак на хранопровод и рак на тенко црево.

Другите здравствени придобивки од боровинките вклучуваат кардио поддршка и покачување на ХДЛ (HDL) – „добриот“ холестерол. Боровинките исто така се поврзуваат и со намалување на крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта, како и со превенција на макуларна дегенерација и инфекции на уринарниот тракт.

Истражувања за боровинките

Бидејќи намалувањето на когнитивните и моторните функции се два од највидливите знаци на стареењето, научниците ги испитуваа боровинките за нивната антиоксидантна активност, барајќи одложување и дури и спротивни знаци од конитивниот пад поврзан со возраста. Истражувањата заклучија дека боровинките навистина штитат од дефицит на меморијата и моторните функции поврзан со возраста, што веројатно се должи на полифенолните соединенија во ова овошје, кои имаат способност да го намалат оксидативниот стрес и воспаление, и да го променат невронското сигнализирањето.

Антоцијанинот екстрахиран од боровинките е користен во други истражувања што го проучуваат потенцијалот за борба против рак на дојка, што резултира со значително намалување на способноста за инвазија на канцерозните клетки и клеточна пролиферација.

Здрави рецепти со боровинки – Супер смуди за екстра сила

Состојки:

  • 4 чаши оризово или бадемово млеко
  • 1 голема банана
  • 2 лажички сурутка во прав или 4 сирови јајца
  • 1 лажичка пчелин полен
  • ¼ чаша путер од бадеми
  • 1 лажичка спирулина или друг зелен прав
  • 2 лажички ленено семе
  • 1 чаша боровинки
  • 2,5 cm свеж ѓумбир
  • 2 лажички сок од лимон
  • 50 ml сок од алое вера
  • 2 чаши вода

Постапка:

Ставете ги сите состојки во блендер. Мешајте додека не се добие хомогена смеса.

Интересни факти за боровинките

Боровинките биле значајни во животот на Индијанците, кои ги нарекувале „ѕвездени бобинки“ заради цветот на боровинките кој има форма на ѕвезда со пет краци. Ги почитувале како подарок од Големиот Дух што им помага да ги нахранат нивните деца за време на глад и заради нивната ефикасност како тоник за кашлица и респираторни проблеми.

Заклучок

Без разлика дали ќе ги изедете право од грмушка или печени во омилениот рецепт, боровинките се едни од овошјата со највисока антиоксидантна активност. Една од нивните највредни состојки е антоцијанинот, кој не само што го дава живиот пигмент на боровинките, туку исто така има и способност да ги неутрализира штетните слободни радикали кои може да доведат до рак и други сериозни болести. Ова е точно и за содржината на витамин Ц, кој помага во борбата против инфекции.

Другите неверојатни предности на јадењето боровинки вклучуваат здрави коски од витаминот К, здраво срце од влакната, а бројните состојки заедно обезбедуваат и намален ризик од рак на дојка, рак на дебело црево, рак на хранопровод и рак на тенко црево, како и оптимален холестерол, крвен притисок и шеќер во крвта. Затоа само напред – јадете полна рака, знаејќи дека се природно добри и добри за вас.

Извори:

Faria, A., Pestana, D., Teixeira, D., de Freitas, V., Mateus, N., & Calhau, C. (2010). Blueberry anthocyanins and pyruvic acid adducts: anticancer properties in breast cancer cell lines. Phytotherapy research : PTR, 24(12), 1862–1869. https://doi.org/10.1002/ptr.3213

Krikorian, R., Shidler, M. D., Nash, T. A., Kalt, W., Vinqvist-Tymchuk, M. R., Shukitt-Hale, B., & Joseph, J. A. (2010). Blueberry supplementation improves memory in older adults. Journal of agricultural and food chemistry, 58(7), 3996–4000. https://doi.org/10.1021/jf9029332

Subash, S., Essa, M. M., Al-Adawi, S., Memon, M. A., Manivasagam, T., & Akbar, M. (2014). Neuroprotective effects of berry fruits on neurodegenerative diseases. Neural regeneration research, 9(16), 1557–1566. https://doi.org/10.4103/1673-5374.139483

Shukitt-Hale, B. (2012). Blueberries and neuronal aging. Gerontology, 58(6), 518–523. https://doi.org/10.1159/000341101

Shukitt-Hale, B., Bielinski, D. F., Lau, F. C., Willis, L. M., Carey, A. N., & Joseph, J. A. (2015). The beneficial effects of berries on cognition, motor behaviour and neuronal function in ageing. The British journal of nutrition, 114(10), 1542–1549. https://doi.org/10.1017/S0007114515003451

Wilson, M. A., Shukitt-Hale, B., Kalt, W., Ingram, D. K., Joseph, J. A., & Wolkow, C. A. (2006). Blueberry polyphenols increase lifespan and thermotolerance in Caenorhabditis elegans. Aging cell, 5(1), 59–68. https://doi.org/10.1111/j.1474-9726.2006.00192.x